Со премиера на „СМС (сите мои слики)“ на Скопје танцов театар, вечер во Македонскиот народен театар ќе биде отворен годинашниот „Танц фест“. Претставата е во кореографија и режија на уметничката директорка на фестивалот, Рисима Рисимкин, со која ќе одбележи 35 години уметничка дејност.
Музиката е на Дуке Бојаџиев, костимите на Благој Мицевски, сценографијата на Матеј Мијанович.
Годинава „Танц фест“ ќе се одржува во Скопје и Велес, а ќе настапат танцови компании од Бугарија, Холандија и од Кина.
На 15 и 16 април на сцената на Народниот театар Велес ќе се одржи Танцлаб – меѓународен натпревар на кореографи, на кој годинава ќе има учесници од Германија, Холандија, Израел, САД, Полска, Белгија, Турција, Велика Британија и од Македонија. Најдобрите, според одлука на меѓународно жири, ќе добијат Златна и Сребрена пеперутка. Покрај натпреварот, во Велешкот театар ќе биде изведена премиерата „Амбивалентност“ на минатогодишниот победник на „Танцлаб“, Валентино Апостоловски.
На 18 април на малата сцена на Македонска опера и балет ќе настапат гостите од Холандија – Нов танцов центар од Хаг и Ново танцово студио од Амстердам со програмата „Отворена сцена”. Кореографите добиваат шанса да ја покажат својата најнова кореографија. Најдобрите кореографи од програмата имаат можност да го развијат и прошират нивното кореографско парче, удвојувајќи го неговото почетно времетраење. На избраните кореографи им се нуди место за проби и можност за еволуирање преку подучување.
Глен Вестфал (директор на Ново танцово студио во Амстердам) го започнал овој проект во 2012 година во Амстердам. Од 2014 соработува со Џоан ван дер Маст (директор на Нов танцов центар во Хаг). Нивната најнова соработка е со Танц фест Скопје, кој е поканет со тројца талентирани кореографи и нивните танчари: Шон Клифорд, Ине Дубоа и Јагода Бробровска.
Од 20-ти до 26 април, од 10 до 17 часот, на сцената „Зебра“ ќе се одржува работилницата „Кунг фу и современ танц“ на „Кунг фу современата танцова компанија“ од Пекинг.
На 23 април во Младинскиот културен центар ќе биде изведена претставата „Тивко оружје“ на „Дерида танцова компанија“ од Бугарија, на 25 април на сцената „Зебра“ е „Бигун“ од Софија, а наредниот ден на истата сцена е „Битрикс танцова лига“ од Македонија.
Фестивалот ќе биде затворен на 28 април во Велешкиот театар, со „Драгон кунгфу современа танцова компанија“ од Пекинг, на која ќе бидат претставени борачките вештини кои се традиционален спорт во Кина, но и мошне ценето културно наследство. Нивниот проект „Кунг фу танц” е комбинација од борачки вештини и танц и обид за интерпретирање на традиционалната култура и современата уметност во Кина.