Жителите на Центар, чии што згради се наоѓаат околу „Автомакедонија“, повторно им пишуваат на премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Станарите уште еднаш ги известуваат дека се категорично против изградба на катна гаража до Автомакедонија. Груевски, Јанакиески и Трајановски, иако уредно поканети, не дојдоа на закажаната средба и не се соочија со жителите кај „Автомакедонија“.
„Зошто не смогнаа сили да дојдат и да го слушнат нашето „не“ за барокна катна гаража кај „Автомакедонија“, велат жителите.
Од повиканите на средбата дојде единствено градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.
„Гласот и волјата на граѓанинот мора да се слуша, ќе одиме до крај“, им вети Жерновски.
„Исполнувајќи ја својата граѓанска должност, за заштита на имотот и здравјето на граѓаните, сметаме дека треба да бидете запознаени со фактот дека објектот катна гаража „Автомакедонија“, предизвикува револт, не само кај станарите на околните згради.
Имајќи предвид дека во случај на изградба на планираниот објект ќе биде спречен пристап дури и за пожарна или амбулантна кола, ве известуваме дека станарите се категорично против изградба на катната гаража“, им напишаа центарци, на Груевски, Јанакиески и Трајановски.
Граѓаните се подготвени дури и да соберат 120 илјади евра, да го исплатат инвеститорот „Никофон“, сума за која тој го купил местото.