Папата Франциско денеска, по повод одбележувањето на 100-годишнината од ерменскиот масакр во Османлиската империја, во својот говор го употреби зборот „геноцид“, што според медиумите може сериозно да ги наруши дипломатските односи меѓу Ватикан и Турција.
– Во текот на минатиот век, човечкиот род доживеа три огромни трагедии без преседан. Првата, која повеќето ја сметаат за „прв геноцид на 20. век“, го погоди ерменскиот народ, истакна папата за време на мисата во катедралата „Свети Петар“, цитирајќи го соопштението од 2000 година, потпишано од папата Јован Павле Втори и ерменскиот патријарх.
Поглаварот на Римокатоличката црква истакна дека другите два геноцида во минатиот век ги извршиле „нацистичкиот и сталинистичкиот режим“, додавајќи, исто така, дека „и во поновото време се забележани масакри, како оние во Камбоџа, Руанда, Бурунди и Босна“.
Голем број историчари го сметаат убиството на милиони ерменци во Османлиската империја како „прв геноцид на 20. век“, но официјална Анкара категорично ги отфрла ваквите обвинувања.