Познатиот американски илузионист Дејвид Блејн ја заврши својата спектакуларна претстава во чиј тек 72 часа мина под удари на вештачки молњи создадени со трансформатор на Тесла, пренесе во вторникот американската телевизиска мрежа NBC.
Дејвид Блејн својот илузионистички трик го исполни од 5-ти до 8-ми октомври, стоејќи на платформа на еден столб во Њујорк. Во текот на 72 часа врз „кралот на илузионистите” облечен во метален оклоп со тежина од 10 килограми паѓаа електрични празнења. Не го поколеба податокот дека излезниот напон на електричната енергија генерирана со трансформаторот на Тесла може да достигне до милион волти.
Во текот на извршувањето на својот многу опасен илузионистички трик, Блејн не земаше храна, пиеше течности преку сламка и вршеше нужда преку катетер.
Кога истече времето за трикот, асистентите му помогнаа на „кралот на илузионистите” да се симне на земјата. Тој потоа беше однесен во болница на медицински испитувања. При крајот на третиот ден кои Блејн ги мина стоечки, неговите нозе потекоа од стоењето, а заштитниците за ушите дизајнирани да го заштитат неговиот слух од гласната бучава на Теслините калеми, почнаа да му предизвикуваат болки.
И претходно Блејн повеќепати ги истражуваше можностите и крајните граници на издржливоста на човечкото тело. Така, тој во Лондон мина 44 дена во стаклена коцка обесена над реката Темза и 63 часа во блок од мраз на Тајмс Сквер во Њујорк. Покрај тоа, илузионистот го изведе и трикот „Нуркање во смртта” (Dive of Death), висејќи со главата надолу 60 часа, а постави и рекорд за престојување под вода без воздух, нурнат во специјален аквариум повеќе од 17 минути.