„Наставничкиот пленум кој, заедно со другите пленуми на студентите, средношколците и професорите, веќе со месеци протестираат и гласно бараат да се престане со лошите реформи во образованието, освен владата и ресорното министерство, деновиве добија уште еден непринципиелен непријател – нивниот синдикат, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Заканите со тужби го открија вистинското лице на СОНК“, велат од ЦИВИЛ.
„Се задолжува највисокото раководство на СОНК да покрене соодветни судски постапки преку адвокатската канцеларија против сите поединци или групи од Наставничкиот пленум и од Мултиетничкиот синдикат за образование, за кои постојат докази дека направиле незаконски дејствија против СОНК и неговото раководство, со цел и на овој начин нашата организација да биде заштитена од ваквите незаконски дејствувања против неа, а исто така да се утврди и штетата што е нанесена врз СОНК со таквото нивно дејствување“ – се вели во заклучокот на СОНК.
„Во Статутот на СОНК, во член 2 се вели: „Во изразувањето и заштитувањето на интересите, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура поаѓа исклучиво од волјата на своето членство“. Понатаму, во член 6 се засилуваат принципите на демократичност и долидарност: „СОНК делувањето го заснова на следните принципи: доброволност во зачленувањето; демократичност во изразувањето и одлучувањето; взаемност и солидарност; права и одговорности на членовите и органите на СОНК; Јавност во информирањето.“
Го прашуваме СОНК: Дали членовите на наставничкиот пленум ќе ги тужите според овие два члена од својот статут?
СОНК врши притисок и своевиден мобинг на своето членство во обид да се заштити владата на начин кој е очигледен до вулгарност. Заедно со владата и ресорното министерство, СОНК врши притисок и врз учениците, нивните родители и Средношколскиот пленум, меѓу другото, и со заканите дека родителите ќе бидат казнети доколку отсуствуваат од настава, а со тоа, практично, ги забрануваат најавените протести на учениците.
Ги потсетуваме учениците и родителите на нивното неприкосновено право на слобода на изразување и правото на протест, а воедно и на законските одредби според кои, во одредени околности, се предвидува казнување за 25-дневно непрекинато отсуство на ученикот од наставата. А не за протест“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
„Да потсетуваме на правото на образование, едно од основните човекови права, веќе е беспредметно, бидејќи тоа право со години го кршат токму владата и ресорното министерство. Образованието кое го овозможува владата во оваа земја, всушност, претставува кршење на правото на образование, ако се земат предвид квалитетот на образованието и образовните институции, партизираноста и силниот притисок кој секојдневно го трпат учениците, студентите, наставниот кадар и родителите.
СОНК во минатото покажа дека е пион на владата, но сега и официјално влезе во отворен фронт против своите членови, што за нас е уште еден срамен преседан во синдикалното делување во Македонија.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација за човекови права и слободи, се солидаризира и ги поддржува сите пленуми кои се залагаат за подобро образование, ослободено од партиските стеги и крајно лошите политики и практики на владата. Од самиот почеток ги поддржавме Студентскиот, Средношколскиот, Професорскиот и Наставничкиот пленум и ќе продолжиме да ги поддржуваме. Го препознаваме грубото кршење на правото на слобода на изразувањето и правото на протест и јасно застануваме на страната на онеправданите ученици, студенти, нивните родители и нивниот наставен кадар кој се осмели да ја побара правдата на цивилизиран и мирен начин, со цврсти аргументи и решенија“, пишува во соопштението на ЦИВИЛ.