Поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг (73) „размислува и ја испитува можноста„ да се појави како кандидат на британската Конзервативна партија на изборите за градоначалник на Лондон во 2016 година, пишува весникот „Њујорк Пост“.
Блумберг е американски бизнисмен-милијардер и филантроп, кој на три пати беше изборан за градоначалник на Њујорк.
Според весникот, веста за повторното вклучување на Блумберг во политиката, но овој пат како градоначалник на британскиот главен град доаѓа од кругот на неговите „многу блиски пријатели„.
Неговиот поранешен советник, подоцна ја отфрли таквата можност, но за тоа, еден богат Американец и успешен градоначалник на најголемиот град во САД да се насели во Велика Британија и да биде избран како лондонски градоначалник, пишува и „Сандеј Тајмс“.
Британскиот неделник вели дека Блумберг има своја куќа во Лондон, во угледниот лондонски кварт Најтсбриџ, чија вредност изнесува 20 милиони фунти. Тој уште од порано има речено дека британскиот главен град го чувствува како свој втор дом.
Во минатата година, Блумберг доби од британската кралица почесно витешко одликување (и титулата сер), за неговата хуманитарна и добротворска работа, учествувајќи со средства во ревитализацијата на уметничката галерија „Серпентајн„ во Хајд Парк и на театарот Олд Вик.
За да може да биде кандидат на конзервативците за градоначалник, Блумберг ќе мора да стане британски државјанин, што ториевски извори објаснуваат дека „не би било проблем„.Нормално за тоа треба да поминат барем пет години, откако толку години ќе престојува и работи во Велика Британија, но за него се вели дека работите би можеле да одат по забрзана постапка, затоа што тој досега има вложено во британската економија 500 милиони фунти.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека доколку тоа би се случило, Блумберг е извонредно решение, затоа што неговото „прагматично лидерство„ во Њујорк е она што сега му е потребно на Лондон.
Пред две години актуелниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон кој е роден во САД, правеше шеги дека тие двајцата би требало да ги заменат функциите.
Џонсон на мајските парламентарни избори ќе се кандидира за пратеник на Конзервативната партија и се верува дека сигурно ќе влезе во Долниот дом на Парламентот. Доколку успее во тоа, тој најави дека до лондонските избори ќе ја задржи и функцијата градоначалник.
Борис Џонсон важи за еден од најсериозните кандидати за иден лидер на ториевците, по повлекувањето на Дејвид Камерон.