Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис денеска во Вашингтон ќе се сретне со извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард, четири дена пред истекот на рокот во кој Атина треба да му врати пари на ММФ.
Според грчкото Министерство за финансии, двајцата функционери ќе имаат „неформален разговор за програмата за реформи на грчката Влада“, јави дописникот на МИА од Атина.
Средбата ќе се одржи и покрај шпекулациите дека Атина можеби нема да успее да врати рата од 460 милиони евра на ММФ, ако биде принудена да избира меѓу исплата на плати за администрацијата и ММФ.
Грција се уште ги нема добиено преостанатите средства од програмата за спас на ЕУ и ММФ во вкупна вредност од 240 милијарди евра, затоа што Брисел побара прво да биде одобрен грчкиот ревидиран план за реформи.
Заменик-министерот задолжен за приходи Димитрис Мардас вчера изјави дека државата ги има парите потребни за исплата на ММФ.
– Исплатата на ММФ ќе се случи на 9 април. Има пари и за исплата на плати, пензии и се друго што е потребно во текот на следната недела, изјави тој за телевизијата „Мега“.