Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека, имаме работа со луѓе, коишто се спремни буквално сè да направат за да останат на власт.
„Уште од првиот разговор Груевски требаше да си замине, не знам што поинаку, ако има разговори што уште повеќе ќе докажат како работи оваа власт, суштината, режимската природа, тоталитаризмот на оваа власт, меѓутоа не, јас не сум оптимист дека ќе замине, бидејќи јасно треба да се каже тоа и во камера и во јавност дека тие остануваат на своите позиции, не мислат да дадат оставка, затоа што не се борат тие за уште еден мандат, тие се борат за својата глава, во тоа е работата“, вели Жерновски додавајќи дека граѓаните го имаат последниот збор, како што се случи во Центар, како што ќе се случи на референдумот, така и ќе се случи на изборите коишто треба да дојдат.
Но изборите, потенцира, не може да ги организира оваа власт. Мора да се направи преодна влада и она на што инсистира меѓународниот фактор, мора да се почне од една независна функција, независно функционирање на Јавниот обвинител.
„Се разбира, Груевски и екипата околу него не го сакаат тоа, бидејќи ако дојде јавен обвинител, којшто не мислам дека треба да биде однадвор, треба да биде од Македонија, но неговата работа и предметите, целиот процес да биде мониториран однадвор, тогаш е јасно дека екипата за којашто зборуваме денеска ќе заврши во затвор. Овој процес со бомбите ни даде нам како граѓани можност да го видиме вистинското светло на Груевски и прашањето беше по кој правец ќе тргне Груевски. Два правци беа можни, во правец на конечно реализирање на демократијата во Македонија и полека негово отстапување со доказ дека функционираат институциите во Република Македонија, пред сè судството, или ќе го видиме вистинското лице на еден режим, на еден човек којшто буквално контролира сè. Се случи ова второто, така што можеби се цврсти нивните позиции околу тоа дека не сакаат да си заминат, но ве уверувам дека внатре состојбата е прилично расклатена, а да не зборувам за нивната позиција на граѓаните. Реакцијата на Мијалков по 16-та бомба е круцијалната грешка што се јави во нивната стратегија и тој момент ќе биде исклучително битен понатаму“, посочува градоначалникот на Центар.
Ќе има, вели Жерновски, уште подлабоки докази за коруптивниот начин, коруптивната природа со којашто се владеело досега.
Смета дека сега треба да се направи едно заокружување на целиот процес и финиширање на оваа фаза со нешто поконкретно. Опозицијата треба да понуди платформа и кадар. Жерновски упати порака, опозицијата да ги обедини сите свои сили, опозиционерите да застанат заедно, да нема суета.
На прашањето дали сме способни проблемите да ги решиме сами дома или е неопходно меѓународно медијаторство, Жерновски одговара:
Тоа е главниот проблем и главната суштина на вашето прашање и затоа на почетокот кажав дека не треба да се бара јавен обвинител однадвор. Во што е проблемот? Проблемот е кога вие претендирате и го уверувате Вашингтон или го уверувате Брисел дека заслужувате да бидете полноправен член на она семејство наречено НАТО и наречено ЕУ, а во исто време барате посредништво и кажувате дека не сте спремни сами да се справите со една политичка криза, мошне сериозна криза, тоа едно со друго не оди и за жал тоа се лоши сигнали, меѓутоа треба да признаеме дека ние, за жал, ова сами не можеме да го изодиме, затоа што не е само длабока криза, туку едноставно не функционираат во овој момент полугите на системот, системот е во тотален колапс.
Жерновски вели дека ваквиот формат на разговори ќе вродат со плод.
„Кај нив не проаѓа тезата дека под а: се лепен, сниман, додаден материјал и второ дека странски служби работеле. Ако некој знае дека се странски служби, тоа се тие, меѓутоа пристапуваат внимателно затоа што ова е длабока криза, секогаш го потенцираат тоа, затоа што имаме власт каква што имаме, но како што ќе проаѓа времето ќе видиме уште поконкретни критики за тоа каква власт имаме во Република Македонија и ќе видите дека тоа ќе се случува многу често преку вашите колеги од меѓународните центри“.
На прашањето ќе има ли апсење на опозиционери, Жерновски одговара:
„Прво, јас две години живеам во таква атмосфера, живее и Зоран Заев, живеат и многу опозиционери, мислам дека веќе е доцна за едно такво сценарио доколку го планирале во ВМРО-ДПМНЕ, но исто така знам дека од нив можам се да очекувам, но веќе секој потег ќе биде само нивна поголем грешка, а евентуално апсење на Зоран Заев само дополнително ќе го мотивира народот да одлучи да преземе чекор што ќе значи конечна пресметка со овој режим“.
Во врска со разговорот меѓу, како што се посочува, Мијалков и Латас, во кој меѓу другото се вели дека Црвенковски нудел трампа на Општина Центар за Општина Карпош, градоначалникот на Центар, вели дека не верува дека тоа е точно, немал такво искуство од локалните избори, напротив, и поддршката на СДСМ и на самиот Бранко Црвенковски, којшто тогаш беше претседател на СДСМ, била огромна. Не се оптоварува со тоа што се случило зад него, туку оди напред.
Жерновски вели дека на референдум за изгледот на ГТЦ не може да се случи нов Пустец или не би требало да се случи нов Пустец.
„Ценам дека паметот им дошол, особено по објавување на снимките. Но, и да се случи Пустец и два Пустеца да се случат, граѓаните ќе излезат. Од оние анкети што ги направивме, се очекува поголема излезност дури и од локалните и од парламентарните избори, така што не се сомневам во успешноста на референдумот. Слушнавме за тој контра референдум на први април и се надевам дека е во тој контекст. Како и да е, одлуката на текстот е задолжителна, тоа го има и во текстот кој беше изгласан и со тоа завршува прикаската околу ГТЦ“, вели Жерновски.
Овој објект, вели, е на територија на Општина Центар. Општина Центар е таа специфична општина каде се наоѓаат 90 или 100 проценти од институциите, Парламентот, Владата, амбасадите. Главниот аргумент на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, бил дека сите плаќале за ГТЦ и зошто само Центар сега да одлучува.
„Јас им поставив едно прашање на кое до денеска не добив одговор, а тоа е зошто таа теза не важеше и за 500 милиони евра потрошени за Скопје 2014. Сè е во Центар изградено, гласаа советниците во Центар, а парите се буквално од сите граѓани на Република Македонија.Овој референдум е историски, не само за Центар, и за Скопје и пошироко, бидејќи ние ниту во Центар, ниту во Скопје немаме од 1991 ниту еден референдум. Кажав примери, во Германија имаме 200 референдуми на локално ниво, така што се надевам и сигурен сум дека од 26 април, од овој наш референдум ќе започне оваа пракса на нешто што е директно најавтентично учество на граѓаните во овие процеси и оттаму навистина ми е драго што ќе се случи референдум. Зошто не за Скопје 2014, зошто не за Водно, зошто не за многу други прашања? Ние сме тука како сервис за го спроведеме тоа што граѓаните го сакаат“, вели Жерновски.
Градоначалникот Центар, посочува дека откако е дојден тој и оваа постава во Општина Центар, за 100 проценти е зголемен буџетот за зеленило. Има речиси 300 дрвја засадено во овие две години, и тоа висококвалитетни дрвја, не обични фиданки, туку дрвја што се по десетици години стари, но, потенцира, злосторот што се случува со сечењето на дрвја е поради една законска обврска, односно можност што ја има само Град Скопје. Град Скопје е единствен, не само во Општина Центар, туку и во другите општини, што е задолжен за сечење на дрвјата, налогот го дава Град Скопје, а го извршува Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Тоа дури важи и во свој приватен двор да исечете. И Центар, и другите општини се немоќни по тоа прашање.
„Ние укажуваме, можеме да протестираме и други форми и нема да се откажуваме, меѓутоа тие може да дојдат во 4 наутро и да ги исечат дрвјата. Но, ние ќе садиме, реков дека тие не можат да уништат толку дрвја колку што ние можеме да посадиме. Треба да се одговара за тој злостор, тоа е злостор, нема дилеми“, вели градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.