Женскиот ракометен шампион Вардар забележа победа над Ѓер со 24:18 во првиот дуел од четвртфиналето од Лигата на шампоните.
Вардарки вечерва во СЦ „Јане Сандански“ бодрени од преку 4.500 гледачи забележаа убедлива победа против унгарскиот и актуелен европски шампион. Овој резултат е голем успех и им дава шанси на „црвено-црните“ за пласман на Фајнл фор турнирот.
Избраничките на Кастратовиќ ги спуштија гостинките на само 10 гола по првото полувреме (14:10), во средината на второто полувреме имаа и плус шест (21:15), но следуваше серија на Унгарките, во меѓувреме и промашен пенал од Андреа Лекиќ за во последните пет минути да се влезе со резултат 22:17. До крајот вардарки успеаја да додадат уште еден гол позитива.
Најефикасни во домашниот состав беа Јованка Радичевиќ со 7 погодоци и Андреа Пенезиќ со 5. На голот одлични беа Ина Суслина со 14 и Амандин Лејно со одбранети два седмерци и еден „зицер“.
Кај Ѓер се истакна Ана Сен со пет голови.
Реваншот во Будимпешта ќе се одигра следната сабота.