Најновата швајцарска студија покажа во колкава мера карактерот ја одредува килажата и дека најголеми шанси да бидат дебели имаат невротични лица и екстровертите бидејќи имаат најголема тенденција кон прејадување.
Невротиците јадат повеќе за да можат полесно да се справат со негативните емоции, додека екстровертите конзумираат повеќе калории од причина што главно јадат во друштво.
Швајцарскиот федерален Институт за технологија собра 1.000 одговори на три прашалници за прехранбените навики, изборот на храната и карактерот на лицата. Последниот прашалник бил направен така да идентификува пет основни елементи на нечиј карактер, отвореност, свесност, екстровертност, невротичност и пријатност.
– Откривме дека нечиј карактер всушност го определува начинот на кој тој или таа јадат и што и од која причина всушност јадат. Недостигот на свесност доведува до тоа да јадат импулсивно и да изгубат самоконтрола во состојба во која храната им изгледа, мириса и делува вкусно – вели авторката на студијата Кармен Келер за Њујорк магазин.
Додава дека невротичните лица можат да јадат многу калорична храна за да се изборат со своите негативни емоции, додека екстровертите имаат тенденција да јадат повеќе нездрава и брза храна и да пијат повеќе алкохол од причина што по природа се подруштвени и речиси секога се во друштво на луѓе.
Исто така, идентификувани се три групи на луѓе кои се прејадуваат. Тоа се тие кои хедонистички уживаат во јадењето и гозбата и продолжуваат да јадат бидејќи никогаш не се чувствуваат сити, потоа тие кои постојано копнеат за храна и не можат да престанат да размислуваат за неа, како и емоционални прејадувачи кои своите негативни емоции и фрустрации ги лечат со конзумирање на најчесто нездрава храна.
– Знаеме дека некои луѓе имаат генетска предиспозиција за дебелина. Сепак, во прашање не е само еден ген. Некои од нив се однесуваат на карактерот, некои се во врска со апетитот, додека некои ја одредуваат волјата и силата на умот и способноста да се направи избор и да се каже Не. Сето тоа влијае на фактот дали во животот ќе бидете дебели или не – вели Кармен Келер.