Актерите на Македонскиот народен театар денеска беа публика во гледалиштето и со аплауз ги поздравија гостите што дојдоа за 70-тиот роденден на театарот и кои за момент беа на нивното работно место. МНТ ги изненади своите пријатели, поддржувачи и публика, споделувајќи го она што ним им е најважно – сцената, нивната фабрика за правење соништа.
– Овој аплауз е од нас, сите актери на Македонскиот народен театар, целата сценска техника, цела администрација, затоа што седумдесет години бевте заедно со нас, бевте на нашите претстави, со вас зреевме, пораснавме големи и ќе станеме уште поголеми. Овој аплауз е за сите актери што беа и што оставија белег во Македонскиот народен театар и придонесоа МНТ да си ја доживее својата 70-годишнина и да стане голем. Во сите вас не има, како и вас во нас, едни во други. Во нас сте вие, а во сите вас е Македонскиот народен театар, рече директорот на МНТ Дејан Лилиќ.
Перформансот организиран за јубилејот почна со репликата „Сонцето, колку е блиску Сонцето“ која на денешен ден пред седум децении ја изговорила актерката Вера Вучкова во претставата „Платон Кречет“ – со која почнала историјата на МНТ. А дека продолжува кон нови јубилеи, МНТ вети со рефренот на Квин „The show must go on“.
Актуелниот ансамбл на најстарата театарска куќа во Македонија им оддаде почит и на своите претходници – тие што биле дел од МНТ, го основале, придонеле во неговиот растеж. Се потсетија на Живко Чинго, Милица Стојанова, Венко Марковски, Љупка Џундева, Владе Цветановски, Ристо Шишков, Илија Милчин, Блаже Конески, Вукан Диневски… Споменот за тие што ги нема го оживеаја со кратки приказни и со нивни лични предмети кои ги користеле секојдневно или имаат значење во нивната професионална кариера во МНТ, додавајќи: „Денеска и тие слават со нас“.
Трската за риболов и магнетофонот на Петре Прличко, чадорот и шапката на Мери Бошкова, Учебникот за актерска игра на Тодорка Кондова, фесот и табакерата на Тодорче Николовски од претставата „Чорбаџи Теодос“, машината на пишување на која Коле Чашуле ја создал драмата „Вејка на ветрот“, виолината на Илија Џувалековски, кожената фотелја на првиот директор на театарот Димитар Ќостаров (режисер на првата претстава „Платон Кречет“), мантилот на Васил Шишков… сите тие се во големата збирка на Музејот на МНТ.
Дел од предметите, оригинални костими и скици, документи, цртежи, слики, се презентирани на изложба која од денеска до 20 јуни ќе биде отворена за посетителите на МНТ. Изложбата е конципирана од театрологот Јелена Лужина и Јасмина Намичева и е распоредена на трите ката во објектот.
– Музејот на МНТ конечно ја прекинува непријатната практика Македонија да е единствената земја во поширокото окружение и во Европа која не се грижи соодветно за своето театарско наследство. Таа приказна завршува со конституирањето на овој музеј. Не беше лесно да се почне, но ќе биде убаво да се заврши на најдобар можен начин – да добиеме постмодерен музеј, хибриден, музеј на 21 век, рече Лужина.
По пат на донации и со откупи од Министерството за култура, фондот на музејот досега има 15.000 експонати, собрани во изминатите две години.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека е изложена најголемата, најсеопфатна и најамбициозна театарска изложба поставена во Македонија.
– Прошетката низ оваа сериозно конципирана изложба на автентични предмети несомнено овозможува секој посетител да се запознае со ентериерот и надворешноста на стариот театар, кој беше една од најубавите градби во нашата држава и кој денеска ја живее својата ренесанса, да се потсети на влогот на многуте уметници кои во изминатите седум децении го градеа достоинството на македонската култура, градеа силни врски со театарските куќи во светот на кои го презентираа и афирмираа богатото македонско творештво и репродуктивниот потенцијал, истакна Канческа-Милевска.
Додаде дека уметничката збирка е сегмент од голем проект за конципирање на Музејот на Македонскиот народен театар, кој како постмодерен музеј до крајот на 2018 година ќе содржи комплексна постојана музејска поставка со предмети, артефакти и документи кои ќе бидат коментирани и толкувани со дигитални приказни.