Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун упати повик да се запре протокот на оружје кон Сирија и предупреди дека кризата претставува закана за стабилноста на целиот регион и оти таа може да има глобални последици.
Тој истакна дека е мошне вознемирен од континуираниот проток на оружје, наменето како за сириската Влада, така и за опозициските сили и изјави дека политичкото решение е единствениот начин за излез од кризата.
Според него сирискиот претседател Башар ал Асад во моментов треба да го слушне гласот на народот.
Во обраќање пред Светскиот форум за демократија во Стразбур Бан Ки-мун го означи како исклучително опасен конфликтот на сириско-турската граница и влијанието на кризата врз Либан.
Тој истакна дека пратеникот на ОН и Арапската лига за Сирија, Лахдар Брахими ќе се врати во регионот оваа недела со цел да ги продолжи меѓународните напори за политичка транзиција во Сирија.