1 април 2015
Повод за овој текст е 100-годишнината од теоријата на релативноста на Алберт Ајнштајн и конференцијата, која по тој повод беше организирана на Бостонскиот универзитет (на 27 март), од страна на еден од најголемите познавачи на делото на Ајнштајн, професорот Џон Стачел, кој го води и Центарот за Ајнштајнови студии на тој универзитет…
На оваа конференција присуствуваше и Македонецот Златко Василкоски, научник и професор на овој Универзитет, кој нѐ потсети на значењето на Ајнштајн, но и ни овозможи интервју со професор Џон Стачел кое ќе го објавиме како втор дел од оваа сторија.
Центарот за филозофија и историја на науката на Бостонскиот универзитет е основан во 1960 година, со цел да се поттикне испитувањето на клучните фактори во теоријата и практиката на науката. Серијата на предавања организирани во овој центар станаа главен форум за национален и меѓународен дијалог во врска со сите аспекти на филозофијата и историјата на науката, математиката и логиката.
Симпозиумот, кој беше организиран од професорот Стачел, се одржа во прекрасниот замок на Бостонскиот универзитет, палата во стилот на Тудор, лоцирана на бреговите на реката Чарлс во срцето на Бостон.
Гостите говорници на симпозиумот вклучија тим на меѓународно реномирани физичари, чија студија и работа е поврзана со Ајнштајновата теорија на генералниот релативитет. Многу од овие научници во минатото соработувале, и имаат објавени книги и статии, со домаќинот на симпозиумот, Стачел, кој денес е несомнено еден од најголемите живи експерти за работата и делото на Ајнштајн.
Духот на едно време
Пред сто години во 1915 година, уметничкиот свет беше во средината на периодот на кубизмот, воведен од Пикасо и Брак само неколку години порано, Чаплин штотуку го креира Скитникот – личност во неговите филмови по кој тој ќе биде препознатлив во остатокот од 20-от век, додека Европа и светот беа во средината на најголемиот конфликт во историјата на човештвото до тогаш.
За научната заедница тој период, исто така, има големо значење, бидејќи многу од идеите и принципите во физиката влијателни во научната мисла, беа развиени во тоа време. Поконкретно, поминаа 100 години од објавувањето на генералната теорија на релативноста на Алберт Ајнштајн во 1915 година, која ја опишува гравитацијата како геометриска теорија и од тогаш до денес таа имала големо влијание врз целото поле на космологијата. Оваа теорија е сеуште широко прифатена и се користи за опис на гравитацијата во модерната физика. Други нови теоретски идеи, било да се поврзани со теориите на црните дупки или пак со потеклото на универзумот, се сметаат за валидни само ако се во согласност со последиците кои произлегуваат од Ајнштајновата генерална теорија на релативноста.
Значењето на Алберт Ајнштајн
Алберт Ајнштајн (1879 – 1955) е без сомнение најпрепознатливата научна личност во нашето доба. Тој е роден во Улм во Германија, а почина во Принстон во САД. Неговото дело има влијание речиси во секоја област на денешната физика. Макс Планк (во 1900 година) и Ајнштајн (во 1905) ја создадоа квантната теорија, која се занимава со физичките феномени на атомски и податомски размери. Квантната теорија доведе до опис и разбирање на поголемиот дел од хемијата и сите технички иновации (ласери, соларна енергија, атомската енергија, итн), кои ние ги користиме денес.
Од друга страна, Ајнштајн ја разви својата теорија на релативноста. Кога зборуваме за Ајнштајн, обично се потсетуваме на равенката и фактот дека брзината на светлината е и најголемата можна брзина, забавувањето на времето и издолжувањето на просторот околу објектите кои се движат со брзини блиски до брзината на светлината. Сето ова се последици од Ајнштајновата теорија на релативноста. Но, принципот на релативноста, кој се однесува на заклучокот дека за двајца набљудувачи законите на физиката мора да бидат исти (непроменливи), по прв пат е експлицитно наведено од страна на Галилео Галилеј во 1632 година. Принципот на релативноста на Галилео, исто така, вели дека двајца набљудувачи кои се движат униформно (со константна брзина) еден во однос на друг, не можат да заклучат кој од нив се движи, а кој мирува. Последица на тоа е законот за собирање на брзините помеѓу двајцата набљудувачи. Собирањето на брзините е толку физички интуитивен факт што во денешно време речиси секој од нас, дури и некој што не е обучен во физиката, може да го заклучи со примери од секојдневниот живот.
Принципот на релативноста почна да игра клучна улога во физиката откако Ајнштајн ја воведе својата теорија на релативност. Подоцна во животот, Ајнштајн се пожалил дека тој требало да го нарече своето дело „непроменлива теорија“, наместо „теорија на релативиноста“, алудирајќи на непроменливоста на физичките закони при изведување на принципот на релативноста.
Принципот на релативност не беше воведен од Ајнштајн, но, во некоја смисла, беше возобновен во специјалната теорија на релативноста на Ајнштајн во 1905 година.
Специјална и Генерална теорија на релативитет
Ајнштајн имал тешкотии да најде академска позиција и покрај успехот на почетокот на својата научна работа за која тој ја доби Нобеловата награда подоцна. Така што, од 1902 до 1909 година, Ајнштајн работел како службеник во сојузната канцеларија за патенти во Берн, Швајцарија, каде што разгледувал апликации за пронајдоци. Голем број од апликациите за пронајдоци што Ајнштајн ги разгледувал се однесувале на проблемот на синхронизација на часовници и „проблемот“ на истовременост.
Имено, зголемувањето на железничкиот сообраќај во втората половина на XIX век довело до неопходноста за воведување на временски зони ширум светот – зони на истовременост, каде што луѓето ќе го игнорираат локалното време (да речеме, „пладне“ на Сонцето) и да се раководат според пладнето на нивните часовници. Ова била суптилна промена, но сепак важна, бидејќи тоа ги ставило луѓето од целиот свет во временски чекор.
Размислувајќи за едновременоста на возовите кои пристигнуваат во станици и набљудувачите кои ги гледаат нивните часовници, го мотивирало Ајнштајн да ја смисли неговата специјална теорија на релативитет и да отстапи од Њутновиот концепт на времето мерено од страна на универзален часовник (апсолутно време и апсолутен простор) во целиот универзум.
Надвор од научната заедница помалку е познато дека Ајнштајн создал две теории за релативитет: специјална теорија на релативитет во 1905 година, и десет години подоцна, во 1915 година, генералната теорија на релативноста.
Само што Ајнштајн ја вовел својата (прва) специјалната теорија на релативитет во 1905 година, тој веднаш продолжил да размислува уште 10 години за тоа што ќе се случи ако брзината помеѓу двајцата набљудувачи не е константна. Заклучоците од ова размислување го довеле Ајнштајн до неговото најголемо откритие, генералната теорија на релативноста/објавена пред точно 100 години, која ја редефинира гравитацијата како закривеност на просторот и времето.
Примена на теоријата на Ајнштајн
Во текот на децениите што следеле, генералната теорија на релативноста довела до објаснување на црните дупки и историјата на универзумот. Всушност, Џон Мичел, современик на Њутн е кредитиран како првиот кој ја вовел идејата на црна дупка во статија во 1783 година. Но, оваа идеја немала солидна теоретска основа се до 1916 година. Тогаш, Карл Шварцшилд, додека билстациониран на рускиот фронт, пред да почине од болест ја искористи генералната теорија на релативноста на Ајнштајн за да ја докаже теоретската можност на постоење на црни дупки. Всушност, тоа била првата примена на генералната теорија на релативноста на Ајнштајн.
Само неколку години подоцна, Ајнштајн ја искористил неговата новоразвиена генерална теорија на релативноста за објаснување на универзумот. Кога го сторил тој тоа добил резултат дека вселената треба да се собира или шири. Но, во тоа време, вселената се сметала за статична (не се менува во големина). За да го исправи ова, Ајнштајн направил промени во неговата генерална теорија со воведување на нов член наречен космолошка константа. Сепак, само неколку години подоцна, во 1929 година, Едвин Хабл потврдил дека вселената се шири, со што произволната корекција на Ајнштајн се покажала како непотребна и самиот чин како една од неговите најголеми грешки.
Денес, особено по 1998 година кога се покажа дека ширењето на вселената се забрзува (се ширисе побргу и побргу), како резултат на постоење на некоја непозната одбивна сила наречена темна енергија, космолошката константа на Ајнштајн стана повторно релевантна повеќе од кога било, претворајќи ја можеби неговата најголема грешка во негово најголемо предвидување.
Кој е Џон Стачел?
Денес е многу тешко да се најде некој кој работел со Ајнштајн, а да е сеуште жив. Македонецот Златко Василкоски, научник и професор на Бостонскиот универзитет, ја имал привилегијата на Бостонскиот Универзитет да се запознае со професорот Гвидо Сандри, кој имал работено со Ајнштајн. За жал, тој починал неодамна.
Василковски вели се запознал со професор Сандри на еден од симпозиумите за физика и филозофија на науката, организирани од страна на професорот Џон Стачел на Бостонскиот универзитет.
Џон Стачел како млад новодипломиран физичар имал ретка можност да работи на составување на трудовите од литературното богатство на Алберт Ајнштајн, која му ја дефинирала идната кариера. Во 1977 година, Стачел станал првиот уредник на Проектот „Ајнштајн на Бостонскиот Универзитет“ и од тогаш со својата работа ги привлекува повеќето познати физичари како говорници и како гости на семинарите кои ги организира веќе со децении. Оваа година, на 27 март, тој беше организатор на семинарот на тема „100 години од генералната теорија на релативноста“ (http://www.bu.edu/cphs/), коспонзорирана од страна на Центарот за студии на Ајнштајн, основан од страна на Стачел, вели Василкоски.
МИА