Гувернерот на американската сојузна држава Индијана Мајк Пенс ги отфрли обвинувањата, на кои е изложен во САД дека новиот Закон за религиозни слободи донесен во оваа држава е насочен протов хомосексуалците и нивните права и слободи.
– Законот за враќање на религиозните слободи (како што е официјалното име на овој пропис) е многу погрешно разбран и толкуван, вели гувернерот Пенс, во авторски текст во „Вол Стрит Џурнал“.
Во написот Пенс инсистира дека остро се противи на секаков вид дискриминацијата и уверува дека новиот закон не е анти-геј пропис.
Пенс се соочува со силен притисок, откако минатата недела го потпиша контроверзниот закон, по што тој стапи во сила. Критичарите на законот тврдат дека неговите одредби ќе овозможат „дискриминирање“ на хомосексуалците и лезбејките и дека се појавува како „контра удар“ на озаконувањето на геј браковите, прифатени во низа американски сојузни држави, меѓу кои е и Индијана.
Одредбите на законот им даваат право на фирми и групи и организации да ги изразуваат своите верски уверувања во ситуации поврзани со нивниот бизнис и основна дејност.
Тоа практично значи дека еден цвеќар може да одбие да изработи или продаде свадбен букет цвеќе за венчавката на геј двојка доколку тоа е спротивно на неговите верски уверувања. Сопственик на хотел или мотел сега може да одбие да издаде соба на една истополова двојка, а сопственик на ресторан да одбие да ги услужи оправдувајќи се со своите слободи,да се повика на своите религиски верувања.
Гувернерот во весникот пишува дека доколку сопственикот на ресторанот каде тој често оди го направи тоа, нема повеќе да влегува во него, но Пенс објаснува дека законот сега ја оневозможува државата да ги присили луѓето да мора да го прават она што е спротивно на нивните религиозни вредности.
Критичарите на законот сепак не веруваат во аргументите на Пенс и сметаат дека прописот што тој го брани создава пат за спротивставување на истополовите бракови, без разлика на нивната легализација.
Во 20 сојузни држави на САД постои ваков закон, но Индијана е првата што религизоните слободи го поврзува со бизнисот.
Белата куќа во Вашингтон изрази „загриженост“ поради законот, а тоа го направија низа познати личности во САД, како и некои големи компании кои се занимаваат со услужна дејност.