Италијанскиот крузер „Коста Конкордија“, што претрпе бродска несреќа во 2012 година, превезувал голема пратка кокаин на мафијата Ндрангета, пишува весникот „Република“, цитиран од ТАСС.
Весникот добил снимка на разговор меѓу членови на Ндрангета, од која станува јасно дека член на екипажот помогнал наркотикот да биде сместен на бродот.
„Криминалниот товар не бил откриен по несреќата на бродот“, додава „Република“.
Мафијашите ги искористуваат луксузните бродови на компаниите „Норвиџиан круиз лајнс“ и „МСЦ Круизиз“, што пловат меѓу Европа, Северна Америка и Карибите, за да пренесуват наркотици, пишува весникот.
„Коста Конкордија“ пловаше во Средоземно Море со 4.200 патници и членови на екипажот, кога на 13. јануари 2012. година се удри во подводна карпа во близина на островот Џилио. Во несреќата загинаа 32 лица, напоменува ТАСС.