Во Галеријата ФЛУ (објект Педагошки факултет), утре, со почеток во 19 часот ќе се одржи свеченост по повод 35-годишниот јубилеј на Факултетот за ликовни уметности Скопје.
Воедно ќе биде отворена и групната изложба „4х4”, на која со свои дела ќе учествувaат шеснаесет млади македонски автори, поранешни студенти на истиот факултет: Александар Зафировски, Теа Јовановска, Дарко Заревски, Душица Степаноска, Ана Јовановска, Ертунч Сали, Ивана Настески, Милан Костадиновски, Софија Грабуловска, Андреј Миновски, Дејан Спасовиќ, Уметничка група „ЅЕЕ”, Христина Стојчевска, Енвер Селими, Славчо Спировски и Методи Исков.
Факултетот за ликовни уметности, како членка на УКИМ, е формиран со oдлука на Собранието на поранешната Општа заедница за насочено образование, на 31 март 1980 година. Наставата за четиригодишните студии на ФЛУ се организира според системот европски кредит-трансфер систем (ЕКТС) на четири катедри: Сликарство, Вајарство, Графика и Ликовна педагогија. Покрај матичните стручни предмети, се изведува и насочена настава по реставрација и конзервација, графички дизајн и театарска, филмска и телевизиска сценографија. Од 1996 година, Факултетот организира и студии од втор циклус, постдипломски студии по областите: Сликарство, Вајарство и Графика. Од 2010 година се организираат студии и од областа на реставрација и конзервација на движни и недвижни артефакти. Практичниот дел од наставата денес функционира во три различни објекти во градот: во културно-историскиот споменик Сули-ан, лоциран во Старата скопска чаршија, потоа во дел од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и во посебниот објект, Вајарски ателјеа, кој се наоѓа во дворот на Педагошкиот факултет.
Во публикацијата издадена од Факултетот по повод овој јубилеј, проф. Жанета Вангели вели: „Отворањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1980 година, беше своевидна фасцинација и за првите студенти и за професорите кои го основаа. Просто е неразбирливо од денешна перспектива, 35 години подоцна, зошто тоа не се случило порано. Она што е клучно за овој Факултет е тоа што тој нуди конфронтација со најслободните аспекти на ликовното творештво, наспроти нагласено утилитаристичките и функционалистички определби на применетите уметности. Впрочем, применетите уметности на Факултетот за ликовни уметности се инкорпорирани во студиската програма уште од самите негови почетоци (преку изборот на насоката и широката понуда на изборни предмети), но главниот фокус на интерес на овој факултет е насочен кон оној дел од креацијата што е возвишен и кој вечно го фасцинира реципиентот, но и најмногу го заплашува лаикот (или она што Мартин Хајдегер го нарекува das Unheimliche во уметноста); го внесува, од една страна, во мистеријата на постоењето, од друга, пак, во непрегледните, ирационални и неосвестени простори на умот и на духот во нешто што е толку тешко разбирливо – поради честото отсуство на наративното пред сè во 21 век, како и поради неискажливата моќ на симболичкото, херметичкото и многузначното.”
Од формирањето на Факултетот до денес, наставниот процес по матичните стручни предмети го изведуваа(т) најеминентните ликовни уметници (сликари, вајари и графичари) од Р. Македонија, вкупно 41 наставник, еден асистент и двајца стручни соработници.
Професорот Станко Павлески, кој припаѓа на првата генерација студенти што дипломирале на овој факултет, смета дека од времето кога тој студирал, ФЛУ не се променил генерално во естетска смисла, освен во индивидуалниот напор на секој наставник поединечно. Издвои дека токму во таа прва генерација студенти имало и повозрасни, кои во меѓувреме не успеале да се запишат на факултетите низ поранешна Југославија, така што генерациската разлика меѓу нив можела да биде и над десет години. „Сето тоа на сцената се покажа мошне успешно како генерација што остави свој печат. На почетокот на Факултетот владееше ентузијазам и меѓу професорите и меѓу студентите дека, сепак, се создава нешто ново на ликовен план, со верба дека понатаму ќе резултира со некој квалитет, па во тој дел и размената што се случуваше на југословенски план како студенти, продолжи и како дипломирани.“
Неодамна починатиот скулптор, Петар Хаџи Бошков, почесен член на Македонската академија на науките и уметностите беше еден од основоположниците и прв декан на Факултетот за ликовна уметност. По повод 30-годишниот јубилеј на Факултетот и изложбата на неговите професори отворена во Музејот на современата уметност во Скопје во 2010 година, Хаџи Бошков изјави: „Нашата генерација, тука мислам на Мазев, Кондовски, Аврамовски и др. имаше виталност и енергија да излезе од оваа средина во 50-тите, 60-тите години на 20 век, да студира надвор од Македонија и враќајќи се да ја установи современата уметничка сцена во неа. Знаејќи дека без ликовна академија во овој простор е скоро невозможно уметноста да егзистира и да се збогатува, ние работевме на организирање на Факултетот за ликовна уметност. Успеавме да ги совладаме сите, доста негативни отпори дека на младите не им треба академија, дека може да се школуваат во другите југословенски центри. Во таа образовна институција отпочна создавањето на бројни генерации уметници во Македонија. Ја направивме нејзината програма, користејќи ги програмите од другите вакви, светски институции. Почетокот беше тежок, но добивме убав простор во Сули-ан. Можам да ги пофалам и сите студенти со кои почнавме. Сега ги имаме како значајни творци во Македонија.