Центарци, кои живеат на улица „Мите Хаџивасилев-Јасмин“ бр. 20, 22 и 24 ја продолжуваат битката за да не се гради катна гаража кај Автомакедонија.
За таа цел, ги канат утре во 18 часот, претседателот на Владата, Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како одговорни и надлежни лица кои можат да ја спречат изградбата на барокна катна гаража, која граѓаните не ја сакаат.
Поканите до Груевски и Јанакиески се поднесени и заверени во Владата и надлежното министерство.
Граѓаните за средбата се информирани преку флаери и плакати.
“Иницијативниот одбор за одбрана на паркингот кај Автомакедонија, во понеделник, 30.3.2015, во 18:00 часот организира граѓански собир на кој ќе се разговара за состојбата со изградбата на барокна катна гаража, каде инвеститор е Никофон.
На средбата се поканети премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски“, стои од поканата до граѓаните.
Граѓаните опстојуваат на своите ставови дека тука не сакаат катна гаража бидејќи таа ќе им го загрози и затвори просторот за живеење. Посочуваат дека на неколку метри веќе има катна гаража.