Во репортажа за животот на рускиот претседател Владимир Путин, британски „ВВС“ наведе дека за полесно разбирање на Путин неодходно е јавноста да дознае што се случило пред 25 години, односно ноќта на 5-ти декември 1989 година во Источна Германија.
Имено само неколку недели по уривање на Берлинскиот ѕид, група демонстранти која претходно ја окупирала германската разузнавачка служба Штази, одлучила да изврши упад во просториите на КГБ.
Според наводите стражарот кој бил пред вратите побегнал од местото, додека другиот агент односно Путин излегол пред групата и од неа побарал да се повлече.
-Вооружени сме и имаме дозвола да го употребиме оружјето – им рекол тој и масата луѓе се вратила назад.
Путин знаел дека опасноста не е надмината и побарал помош од тенкови на Црвената армија, но војниците му порачале дека без одобрение на Москва која молчи не можат да направат ништо.
Тој одговор многу го разочарал и засекогаш го сменил неговиот живот. Изјавата дека „Москва молчи“ со години го прогонувала, а кога тој дојде на чело на Русија одлучил да ги смени работите.
-Доколку не се случеше тоа во Путин ќе беше целосно поинаков – рекол неговиот биограф Борис Рајчустер.
Путин тогаш сфатил дека политичката елита народот лесно може да ја отфрли и дека желбата за демократија е посилна од комунистичката идеологија.
Е.Г.