Грчките власти од едно мало островче на реката Еврос, што ги разделува северот на Грција од Турција,утронава спасиле 68 имигранти, кои претходно биле напуштени од водичите, наведуваат полициски извори, пренесува агенцијата ФЕНА.
Рано утрнава имигрантите, од кои повеќето се Сиријци, го напуштиле турскиот брег и во десет гумени чамци тргнале по реката со своите водичи, соопшти полицискиот извор.
Поради обилните дождови што предизвикаа поплави, имигрантите морале да застанат во Грција, а водичите ги оставиле на малото островче, пред да го продолжат патот.
Грчката полиција, која била информирана од еден од водичите, спасила 68 лица, меѓу кои имало и 14 деца и шестмесечно бебе.
Имигрантите биле префрлени во градот Орестиада, во близина на грчко-турската граница. Некои се префрлени во болница каде им била укажана прва помош, а повеќето биле префрлени во прифатен центар.
Грција е еден од влезовите за нелегалната имиграција во Европската унија.
Новата Влада, што беше формирана во јануари, изрази желба да ги затвори логорите или да ги претвори во отворени бегалски центри.