Комисија ќе го утврдува прекинот на ангажманот поради бременост, раѓање и/или мајчинство

Од:

Во рамки на имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој се опфатени волонтери, лица ангажирани со договор на дело, авторски и други договори, во органите на државната управа, локалната самоуправа и јавната администрација, Министерството за здравство формираше Стручна комисија која ќе ги разгледува случаите на лица чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање и/или мајчинство.

Формирањето Стручна комисија е во рамки на имплементацијата на една многу значајна мерка на Владата за транформација, со која долгорочно ќе се реши егзистенцијалното прашање на поголем број лица кои ќе бидат вработени на неопределено време.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека со најновите измени на Законот (рокот за трансформација е пролонгиран за 60 дена токму од оваа причина), со трансформацијата се опфатени и лица кои имаат прекин на договорот поради бременост, раѓање и/или мајчинство.

За таа цел, посочи, Министерството за здравство е задолжено да формира Стручна комисија која ги утврдува условот и времетраењето на прекинот на ангажманот.

– Со разгледување на веродостојната медицинска документација (потребни се само 2 документа: отпусно писмо од родилиште и извод од матична книга на родените за детето), Комисијата издава потврда за исполнетоста на условот за прекин на ангажманот, рече Тодоров и ги повика сите лица кои ги исполнуваат условите предвидени во овој Закон, а чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање и/или мајчинство, да достават документација која оваа Стручна комисија ќе ја разгледа и ќе ја потврди исполнетоста на овој услов за прекин на договорот и времетраењето на прекинот.

Посочи дека лицата е потребно да достават целокупна медицинска документација за бременост, раѓање и/или мајчинство, со писмено барање за издавање потврда за исполнетоста на условот и времетраењето на прекинот поради бременост и/или раѓање, согласно Законот за трансформација во редовен работен однос.

Барањето за издавање потврда, појасни, може да се достави како писмено барање или пополнет образец, кој е достапен на веб страната на Министерството за здравство.

– Министерството за здравство ќе објави јавен повик во дневните весници, со кој ќе ги повикаме овие лица да ја достават потребната документација до Стручната комисија (по пошта или во архивата на Министерството за здравство). Огласот ќе го објавиме утре и ќе биде поставен и на веб страницата на Министерството. Рокот за доставување документација до Стручната комисија е 30 дена од денот на објавување на огласот, рече Тодоров.

Според него, ова е многу значаен чекор во имплементацијата на Законот, имајќи предвид дека врз основа на потврдата од Стручната комисија, работодавецот ќе одреди дали лицето ги исполнува условите за трансформација во редовен работен однос.

– Досега континуирано се одвива имплементацијата на овој Закон во областа на здравството. Досега вкупно 109 јавни здравствени установи ја поднесоа потребната документација за трансформација. Јавните здравствени установи прво ја поднесоа документацијата до Министерството за здравство, кое по извршената проверка документацијата ја достави до Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а оттаму до Министерството за финансии каде се врши дополнителна проверка, нагласи Тодоров.

Потенцира дека веќе се издадени согласности за трансформации во редовен работен однос во 30 јавни здравствени установи, и веќе над 150 лица кои се ангажирани во овие установи, почнаа да ги потпишуваат договорите за вработување на неопределено време.

– Само во првата група, предвидено е да се трансформира работниот однос на најмалку 600 лица ангажирани во јавните здравствени установи, имајќи предвид дека се уште е во тек постапката за лицата на кои им бил прекинат договорот поради бременост, раѓање и/или мајчинство. Во секоја ЈЗУ на видно место се објавени списоци на лица чиј работен однос ќе биде трансформиран на неопределено, согласно Законот, а лицата на списокот се подредени почнувајќи од лицето кое е најдолго ангажирано во конкретната установа (имајќи предвид дека Законот ја налага оваа динамика на трансформација), рече Тодоров.

Исто така, покрај списокот на лица, укажа министерот, на видно место е објавен и текст од Законот за трансформација во редовен работен однос со законските измени, како и автентичното толкување на Законот, а истакната е и меил-адресата:[email protected].mk, на која лицата ангажирани во јавните здравствени установи можат да доставуваат забелешки, со конкретни докази согласно Законот (забелешките со доказите потребно е да ги достават и до директорот на установата).

– Стручната комисија ќе овозможи со мерката да бидат опфатени и лица на кои привремено им биле прекинати договорите поради бременост, раѓање и/или мајчинство. Уште еднаш ги повикуваме овие лица навремено да ја достават документацијата до Стручната комисија при Министерството за здравство, додаде Тодоров.

Би можело да ве интересира

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада