Во пресрет на конгресот на кој треба да се избере прв човек на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Меѓуетничкиот синдикат за образование (МЕСО), експресно бил ставен во мирување за да не може да учествува на конгресот.
Претседателката Сузана Стефановиќ вели дека обидот на претседателот на ССМ, Живко Митревски, да го оневозможи учеството на МЕСО во работата на конгресот на ССМ започнал на седница на Советот на ССМ во Охрид на која МЕСО бил ставен во мирување
– Спротивно на Статутот на ССМ, Претседателот Живко Митревски, протурка одлука за ставање во мирување на членувањето на МЕСО во органите на ССМ со цел да го оневозможи учеството на МЕСО на Конгресот на ССМ, да го спречи автентичното синдикално организирање и да го осигура својот реизбор за претседател на Синдикатот, рече Стефановиќ
Таа објаснува дека образложението било дека МЕСО не бил пререгистриран, што не е точно и презентираше документ за пререгистрацијата на МЕСО.
Здравко Савевски, генерален секретар на МЕСО вели дека мотивацијата на Живко Митревски е да спречи овој гранков синдикат да има свои делегати на конгресот
– Целта е тој да си го обезбеди својот реизбор, бидејќи ние одбиваме да го поддржиме Живко Митревски бидејќи во периодот на неговиот мандат нема ниту една, макар благо критичка изјава против кршењето и намалувањето на работничките права ос страна на Владата на РМ, вели Здравевски
А.Б.