Спортскиот центар Борис Трајковски ја комплетираше лизгачката сезона со награди стекнати во рамки на Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање „Sportland Trophy 2015” одржан во Будимпешта и Отвореното меѓународно првенство по уметничко лизгање во Нови Сад.
Со натпреварувачи во сите категории, членовите на клубот беа наградени со медали, додека новите членови-дебитанти се стекнаа со искуство.
– Не можевме да посакаме подобар крај на сезоната. Се збогуваме со активниот дел, но веќе сме наоружани со многу нови планови и амбиции за сезоната што доаѓа. Дополнително не радува порастот од 12 проценти на вкупниот приход за оваа сезона, како доказ за успешно реализираната програма и визија, изјави Златко Перински, директор на СЦ „Борис Трајковски”.
Тој е задоволен од досега постигнатото зад кое стои, како што вели, беспрекорен тим, грижа и поддршка.
– Посакувам децата да имаат уште повеќе прилики и услови за усовршување и јакнење на своите способности. Продолжуваме понатаму уште поенергично. Крајната цел не ни се наградите, туку будење на љубовта кон овој спорт на што повеќе дечиња, се со цел промовирање на здраво општество и спортувањето како здрава и неопходна животна навика, истакна Перински.