Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми изјави дека до крајот на оваа недела треба да биде усогласен термин за средба со претставници на средношколците во врска со новиот концепт на државна матура во кој математиката ќе биде задолжителен предмет за гимназијалците.
Адеми по промоцијата на нови изданија на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците повтори за медиумите дека идејата на МОН е на матурантите да им го објасни концептот за државна матура и да им ги укажат предностите дека со положена матура, која е призната во цел свет, тие ќе може да се запишат на кој било факултет и универзитет.
– Сакам да потенцирам дека предметот математика ќе биде задолжителен само за матурантите во гимназиите, не за матурантите од стручните и од уметничките училишта. За нив е изборен предмет. Но и за гимназијалците се работи за основно ниво, а не за напредно ниво на математика. Имам полна доверба во нашите ученици, дека тие ќе успеат да ја положат математиката и дека таа ќе им помогне понатаму во студирањето. Математиката и мајчиниот јазик во цел свет се предмети на кои им се дава повеќе внимание во студирањето и затоа е одлучено да бидат задолжителни, истакна Адеми.
Додаде дека на средбата со средношколците ќе го изнесат својот став и ќе ги имаат предвид и нивните аргументи, но очекува тие да бидат издржани.
Оваа година за стручните профили математика ќе биде изборен предмет, односно како и досега ќе може да избираат меѓу математика и странски јазик. Гимназијалците, пак, со математиката ќе имааат три задолжителни екстерни предмети и еден интерен предмет.
Во однос на протестот на Наставничкиот пленум во врска со екстерното тестирање, Адеми потсети дека со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е постигнат договор за неколку прашања, вклучително и за екстерното.
– Се согласивме дека тој процес треба да се унапреди и дека не треба да се откажеме од екстерното оценување. Резултатите од екстерното нема да имаат негативно влијание на платата на наставниците, а ќе имаат позитивно влијание затоа што најдобрите наставници ќе бидат дополнително наградени со 10 проценти од нивната плата во период од девет месеци. Доколку истиот наставник три години едноподруго се најде на истата листа, тогаш тој додаток ќе стане траен во нивната плата. Затоа не гледам образложение зошто би се тргнало екстерното. Напротив сметам дека треба сите засегнати страни да придонесат за унапредување на целиот процес, рече Адеми.