Во заедничка организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Триатлон федерација на Македонија (ТФМ), а на покана на Светската Триатлон федерација (ИТУ), во периодот 27 март – 4 април 2015 година, во Аликанте, Шпанија ќе се одржи Олимписка триатлон обука на која ќе учествуват и најдобрите македонски триатлонци Стојан Поповски и Цветко Митревски.
Целта на оваа обука е усовршување и тренинг на нашите претставници во овој спорт, како тренери и како спортисти-триатлонци.
На оваа обука поканети се 30 држави од Европа, а по завршување на кампот најдобрите 20 претставници ќе добијат можност да заминат на двомесечни подготовки во Австралија во присуство на најдобрите светски тренери и најдобрите триатлонци од целиот свет.
МОК и ТФМ во целост ги покрија финансиските трошоци за оваа акција, со силна верба дека оваа програма ќе придонесе за унапредување на триатлонот во Македонија и дека со посветена работа ќе се идентификуват и селектират нови млади таленти кои во иднина ќе се борат за високи спортски резултати и ќе бидат големи амбасадори на нашата држава.