Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, е претпазлив во пресрет на двомечот со полски Киелце во рамки на четвртфиналето од Лигата на шампионите, а воедно смета дека првиот меч во Скопје (11 или 12 април) мора да биде добиен за да се оствари пласман на завршниот турнир во Келн.
– Киелце е еден од најдобрите светски тимови, кој е предводен од врвен тренер и ќе биде навистина тешко да се елиминира. Во моментов ме интересира само првата средба во Скопје, која мораме да ја добиеме ако сакаме да останеме во игра за „фајнл фор“ во Келн. Не се оптоварувам со мисли за тоа колку разлика ќе биде нашата евентуална предност. Мотивацијата ќе биде клучна, а ние досега покажавме дека вакви мечеви го вадат максимумот од сите нас, изјави Раул.
Шпанскиот стратег има голем респект за тренерот на полскиот тим, Талант Душебаев, чиј помошник беше своевремено.
– Одлично ги познавам квалитетите и размислувањата на Душебаев, како што тој одлично ме познава мене. Ќе биде интересно да ги одмериме силите во еден ваков значаен двомеч.