Еден од најистакнатите маледонски скулптори, почесниот член на Македонската академија на науките и уметностите Петар Хаџи Бошков почина вчера на 87 годишна возраст..
Проф. Петар Хаџи Бошков е роден на 1 јуни 1928 година во Скопје. Во 1953 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, на Одделот за скулптура. Во 1959/60 година специјализирал скулптура на Кралскиот колеџ за ликовни уметности (Royal College of Fine Arts) и на Слејдовата школа за ликовни уметности (Slade Scool of Fine Arts) во Лондон.
Во 1965/66 година бил гостин-професор на Академијата за ликовни уметности Купер во Њујорк (Academie Cooper Union of Fine Arts New York). Проф. Хаџи Бошков од 1964 до 1980 година работел во Училиштето за применета уметност во Скопје. Од 1980-1988 година работел на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде се стекнал со звањето редовен професор, а од 1980 до 1985 година бил декан на овој факултет.
Организирал повеќе од 30 самостојни изложби во Македонија, во просторите на поранешна Југославија, во Англија, САД, Турција и Грција а учествувал и на повеќе од 300 групни изложби во земјата и во странство, како и на бројни скулпторски колонии и симпозиуми ширум поранешна Југославија.
Во 1978 година бил учесник на Меѓународното биенале во Венеција. Реализирал 16 монументални споменици кои се поставени во Република Македонија, Република Словенија, Република Хрватска, Република Србија и во Франција.
Во 1997 година бил учесник на „Деновите на европската култура“ во Солун.
Добитник е на 30 национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградата „11 Октомври“ во 1969 година.
Неговите дела се застапени во државни и приватни колекции во Република Македонија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска, Република Босна и Херцеговина, Кралството Англија, САД, Франција, Полска, Италија, Турција, Грција, Белгија и во многу други места.
За почесен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2009 година, се наведува во денешното соопштение од МАНУ.