Реформите во основното и средно образование што ги налага Владата се лоши, велат наставниците, бидејќи не се мислело на доброто на учениците, а потоа за ниту еден од законите не се консултирани ниту наставниците. Тие велат дека реформите се лоши и доказ за тоа е дека мора да ги спроведуваат со сила и со притисоци.
Не се задоволни од решенијата што ги понуди нивниот синдикат на чело со Јаким Неделковски, па затоа единствено со протестот, велат, им преостанува да ја бранат професијата Професорката Стојанка Дудучки, од Куманово, рече дека Синдикатот за образование и наука не ги брани нивните интереси и дека ги манипулира наставниците.
– Сите што сме собрани сме членови на синдикатот, но не сме задоволни од она што ни го кажа г-дин Неделкови и сметаме дека всушност воопшто не ги интересираат нашите барања. Преку ноќ беше кажано за штрајкот МОН ја изигра нашата доверба и сметам дека сите начелно треба да се откажеме од него – рече Дудучки.
Професорите потврдуваат дека имало разни видови притисоци и закани, јавувања по телефон, предупредувања на „добронамерни“ колеги и слично.
– Интелектуалецот не смее да се плаши, затоа што ние сме тука да ја браниме училницата со должна почит кон Министерството за образование и наука, кон Бирото за развој и кон сите наши колеги. Апелираме подолго време, пишуваме писма веќе две години наназад, укажуваме на грешки, зборуваме за некоректно поставени прашања, затоа што тоа води и кон неточен одговор, но не добиваме никаков одговор, вели професорката Татјана Алексиќ.
Професорите и наставниците предупредуваат дека со ваквите закони, се оди во неквалитет на образовниот процес, а тоа како резултат ќе донесе уште помасовен одлив на младите во странство.
– Ние сакаме младите да останат овде, да не бегаат повеќе во странство. Бараме само повеќе да се слушне гласот на наставникот и сите промени во образованието да се одвиваат во консултации со наставниците, рече Мартина Јовановска.
А. Б.