Македонскиот ракометен вицепрвак Вардар в сабота на домашен терен ќе се обиде да ја анулира предноста од шест голови (32:26) што Висла ја оставри по првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите одигран во Полска.
На денешната прес-конференција тренерот на Вардар, Раул Гонзлес и капитенот, Филип Лазаров изразија убедување дека можат да се пласираат во четвртфиналето.
– Ни следува најважниот натпревар во досегашниот тек сезонава. Во Плок одигравме лошо и во нападот и во одбраната и мораме да го подобриме сето тоа ако сакаме да продолжиме понатаму. Трениравме добро оваа недела, немаме повредени играчи и се надевам дека атмосферата на домашен терен ќе биде одлична и ќе ни помогне да одиграме подобро. Секогаш кога игра Вардар на домашен терен атмосферата е извонредна, а тоа ни е многу важно затоа што нѐ очекува тешка задача, разликата е шест гола, а тоа не е малку, изјави тренерот Гонзалес.
Лазаров рече дека не може да се повтори лошиот ден од Полска и дека местото на Вардар е меѓу најдобрите осум во Европа.
– Одигравме многу лош натпревар од Полска, имавме лош ден. Екипата на Висла одигра над своите можности, а ние не бевме ни на 50 посто. Се надевам дека во Скопје ќе се сменат некои работи, дека тие нема да одиграат толку добро, но и дека ние ќе го покажеме вистинското лице. Нашето место сигурно е меѓу најдобрите осум во Европа, истакна Лазаров.
Мечот се игра в сабота во Сц „Јане Сандански“ од 20 часот и 15 минути. Билетите се распродадени.