Средношколскиот пленум се пожали дека се под силни притисоци по највата дека ќе се организираат маршови низ градовите против задолжителното полагање математика. Притисоците да не се маршира биле најизразени во Ресен, Струга, Кавадарци, Штип и Крушево а во агитацијата да не се протестира учествувале и дел од професорите.
Соопштението на Средношколскиот пленум ви го пренесуваме во целост:
„Ја известуваме јавноста дека во очи маршовите кои следуваат до крајот на тековната недела во речиси сите градови на нашата земја, учениците кои се дел од Средношколскиот Пленум се соочуваат со силни и морбидни притисоци и закани.
Заканите се однесуваат на нивното излегување на маршовите и собирите под организација на Пленумот, а се одразуваат со насилство, лаги за санкции во училиштата каде што учат, не одење на екскурзии, бркање од работа на нивните родители, исто така и кинење на плакати со информации околу маршовите, создавање црна контракампања и слично. Овие обиди да се спречат активностите на Пленумот извршувани се дури и од страна на професори во самите училишта.
Од ден во ден, овие закани и притисоци стануваат се посилни и поморничави од кога било, а најприсутни се во градовите Ресен, Струга, Кавадарци, Штип, и Крушево. Имено, Средношколскиот Пленум најостро ги осудува ваквите морбидни изживувања врз средношколците со цел да не спречат во нашата борба.
Затоа, јавно им порачуваме на сите оние кои во каков било вид, извршиле притисок врз кој било средношколец, дека нашата борба за подобро образование и подобро утре, нема да успеат да ја задушат. Секако, уште еднаш максимално се оградуваме од секакви партиски етикетирања“, стои во соопштението на Средношколскиот пленум.