Бразилскиот претседател Дилма Русеф изрази подготвеност за дијалог и вети дека во следните неколку дена ќе објави план за борба со корупцијата, соопшти ДПА.
Откритијата за корупциска афера со државната нафтена компанија „Петробрас“, во комбинација со економските проблеми што стојат пред Бразил, за време на викендот на масовни протести извадија 1,7 милиона Бразилци, од кои многумина побараа оставка од Русеф.
– Владата ги слушна демонстрантите на улица.Отворена сум за дијалог, рече претседателката во телевизиски настап.
„Вчера, кога ги видов стотиците илјади граѓани како протестираат, не можев да се воздржам да не помислам дека оваа слобода е обезбедена со борба“, рече претседателката, која како партизанка
била мачена за време на воената диктатура.
Во одговор на барањето оставка, таа кажа дека волјата на народот се изразува на избори и треба да биде почитувана.
– Мојот ангажман е да управувам со земја од 200 милиони Бразилци, рече претседателката, цитирана од француските медиуми.
Русеф (67), која во јануари го почна својот втор претседателски мандат, вети дека на разгледување во Парламентот ќе поднесе пакет мерки за борба со корупцијата.