За наградата „Виртуози“ се натпреваруваат 22 музички и балетски уметници и ансамбли

Од:

Вкупно 22 музички и балетски уметници и ансамбли ќе се натпреваруваат за наградата „Виртуози“, на свеченост која во организација на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, ќе се одржи во понеделник (16 март) во Македонскиот народен театар во 20 часот.

Во трка за признанието за најуспешен уметник за 2014 година, статуетката ќе ја понесе еден кандидат во секоја од осумте категории: млад музички уметник, камерен ансамбл, музички публицист, музички настан, композитор, меѓународна афирмација, музичко-сценски уметник и музички изведувач.

Во категоријата „Млад музички уметник“ ќе се натпреваруваат виолинистите Ева Богоевска и Александар Иванов и баритонот Иван Наумовски. За статуетката најуспешен „Камерен ансамбл“ за минатата година ќе се одлучува помеѓу Дуото Сихана Бадивуку (виолина) и Маја Кастратовиќ (пијано), триото виолини Ана и Олег Кондратенко и Марија Вршкова (пијано) и женскиот хор „Св. Злата Мегленска“.

За победникот во категоријата „Музички публицист“ комисијата ќе одлучи меѓу кандидатите Тања Вујисиќ-Тодоровска и Тина Иванова. За „Музички настан“ на годината во конкуренција се концертот на Македонската филхармонија со пијанистот Борис Березовски, современиот балет „14 часа“ и претставата „Фауст“.

Композиторот на годината ќе биде избран помеѓу Дарија Андовска, Александар Пејовски и Валентина Велковска-Трајановска. Во категоријата „Меѓународна афирмација“ ќе се натпреваруваат сопранот Ана Дурловски и диригентот Сашо Татарчевски.

Најуспешниот „Музичко-сценски уметник“ за 2014 година ќе биде избран помеѓу тенорот Ѓорѓи Цуцковски, примабалерината Александра Мијалкова и кореографот и танчар Игор Киров. Во трката за „Музички изведувач“ на годината се виолинистот Владимир Костов, диригентот Саша Николовски-Ѓумар и пијанистот Тодор Светиев.

Манифестацијата „Виртуози“, формирана пред три години на иницијатива на СОКОМ, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Министерството за култура, има цел да ги валоризира и наградува врвните успеси и достигнувања во областа на класичната музичка и балетска уметност. Номинациите оваа година беа добиени врз основа на предлозите и мислењето на 12-лената жири-комисија, составена од стручни лица од сите значајни музички организации во Македонија, соопшти СОКОМ.

Годинава манифестацијата ќе биде збогатена со неколку настапи во живо, на џез-групите „Летечки пекинезери“ и Тони Китановски со „Черкези оркестар“, потоа дуото Гонце Богоромова – сопран и Андреј Наунов – пијано, дуото Ермаљ Мехмети – виолина и Јета Старова – Мехмети-флејта, како и атрактивниот хор „Хип-хор“.

И овојпат статуетките на добитниците на „Виртуози“ ќе им ги врачат истакнати личности од културниот и општествениот живот на Република Македонија: поетот Дарко Лешоски, арх. Панда Зографска-Беличанец, музикологот Бранка Костиќ-Марковиќ, професорот Денко Скаловски, д-р Миодраг Врчакоски, актерката и продуцент Лабина Митевска, ликовниот уметник Сергеј Андреевски и композиторот Љубомир Бранѓолица.

Влезот за манифестацијата е бесплатен. За резервација на билети, сите заинтересирани можае да се обратат во Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ на телефон: 02/3119 824 или на [email protected].

Би можело да ве интересира

Двојна изведба на балетската претстава „Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

На Денот на шегата и маските уште две претстави на „Петар Пан“

Ана Ололовска

Балетската претстава „Жизел“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на оперската претстава „Боеми“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на балетската претстава „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус

Ана Ололовска