Во организација на Центарот за научни истражувања и промоција на културата – ХАЕМУС денеска во Скопје започна Меѓународната археолошка конференција „Населби, култура и динамика на популациите во балканската праисторија“. На научниот собир учествуваат 110 археолози од 20 земји од светот.
Форумот го отвори Драгош Георгиу, професор на Националниот универзитет на уметности во Букурешт, како претставник на Научниот комитет на конференцијата, кој истакна дека собирот е важен поради темата и вклученоста на археолози од повеќе европски земји кои работат на истражување на балканската праисторија.
– Конференцијата „Населби, култура и динамика на популациите во балканската праисторија“, претставува неопходна база за подобро разбирање на македонската и балканската праисторија, за подобра соработка меѓу истражувачите на Балканот и за унапредување на соработката со археолозите од Европа, рече Георгиу.
Претседателот на ХАЕМУС, Василка Димитровска истакна дека ова е досега најголемата конференција за археологија одржана во Македонија на која ќе бидат презентирани сознанија и артефакти од истражувањата за балканската праисторија.
– Конференцијата ќе обезбеди методолошка, теоретска и експериментална рамка за интерпретација на археолошките содржини и анализа на артефактите, како и нови согледувања на интердисциплинарниот пристап за нашето заедничко минато, а со цел унапредување на археологијата за балканската праисторија, рече Димитровска.
Во рамки на дводневниот собир вечер во Музејот на Град Скопје ќе се одржи изложба на постери, а учесниците на конференцијата ќе имаат можност да ги посетат и музеите во Скопје.
По завршувањето на конференцијата научните текстови од археолозите ќе бидат публикувани во посебна монографија во издание на „Археопрес“, престижна издавачка куќа од Оксфорд, специјализирана исклучиво за публикување научна археолошка литература. Со тоа, според организаторот, ќе се придонесе за промоција на археологијата и културно-историското наследство на Македонија на светско ниво.
Партнери на ХАЕМУС во организација на конференцијата се Музеј на Град Скопје и Меѓународната организација за музеи под отворено небо и експериментална археологија. Целиот настан, пак, се одвива под мотото на УНЕСКО за „Отворени образовни ресурси“ кој е и главен партнер на конференцијата.