Македонскиот женски ракометен првак Вардар в сабота против Динамо Синара го игра последниот меч од главната фаза во Лигата на шампионите. Единствен посакуван исход од овој дуел за „црвено-црните“ е победата и тоа со девет голови разлика.
– Знаеме дека во сабота имаме исклучително важен меч. Многу луѓе не прашуваат за калкулации, но ние сме екипа која не сака да калкулира. Натпреварот со Динамо ќе биде тежок, но нам сега ни е битно да победиме, а потоа ќе размислуваме на кое место ќе се пласираме. Затоа јас ги молам сите граѓани на Македонија да дојдат, затоа што ова ни е можеби најважен меч во сезоната, од кој зависи нашиот пласман на табелата, рече на денешната прес-конференција тренерот Индира Кастратовиќ.
За да се освои второто место во групата кое во следната фаза носи полесен противник, потребна е победа од девет разлика, за да се надомести поразот од 25:33 во првиот натпревар во Волгоград и плус поволен резултат од мечот Турингер – Лајпциг, а тоа е сѐ само не победа на Турингер.
Реванш за поразот во Русија посакува и десното крило Јованка Радичевиќ.
– Знаеме колку беше тежок натпреварот во Русија, Динамо има врвни напаѓачи, силни крила и комплетно добра екипа, но верувам дека можеме да победиме. По лошиот старт требаше да покажеме дали заслужуваме да играме четврт-финале. Со Лајпциг и со Крим покажавме кој е газда. Секоја од нас има многу натпревари во нозете и не треба да чувствуваме притисок. Ние сме квалитетна екипа и Динамо треба да биде тој којшто се плаши, рече Радичевиќ.