Врвот на инвестирањето во земјите од регионот на Западен Балкан допрва доаѓа, бидејќи главните инвестиции ќе пристигнат за три до пет години и тоа во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои имаат бројни врски со Грција, Турција и други перспективни пазари, вели Јакуб Диба, шефот на чешката консултантска компанија „Генесие“.
Компанијата која е застапена на пазарот на Чешка, Словачка и земјите на поранешна Југославија се фокусира на советодавна помош при трансакции со средна големина.
Освен на чешки и словачки компании се истакнува со советодавни услуги на скандинавски земји во врска со Чешка и Централна Европа, јави дописникиот на МИА од Прага.
Диба, кој во Чешка е познат од пред пет години кога почна да дејствува во областа на професионалното советување, во иднина планира да се фокусира на изнаоѓање можности за инвестирање во голема мера и во земјите од поранешна Југославија.
– Во регионот, во моментот во тек се серија на приватизации и приватните инвеститори во многу случаи се ослободуваат од нивните историски инвестиции и од наш поглед се работи за многу атрактивни пазари, изјави Диба во интервју за чешкиот весник „Хосподарске новини“.
Диба, додава дека локалните претприемачи имаат позитивни односи кон чешките фирми, кои се заинтересирани за проширување на функционирањето на Балканот.
Според него, клучот за успехот во земјите од поранешна Југославија е почитување на договорите, како и јасно покажување на инвеститорските средства.
– Експанзијата на компаниите во земјите на поранешна Југославија допрва треба да дојде, предвидува Диба.
Тој оценува дека во овој регион е важен социјалниот фактор, бидејќи локалните социјални чувства се посилни отколку во Чешка, а сериозно прашање за преговори за преземање на фирмите е стратешкиот план за развој и обезбедување на локално вработување.