Моделот „Форд ГТ“, чија предпродукциска верзија својата еврпска премиера ја имаше на женевскиот салон на автомобили, ќе почне да се произведува до крајот на 2016 година.
Од компанијата велат дека цената на овој суперавтомобил на американските пазари ќе биде во рангот на Ламборџини Авентадор, што во САД чини од 397.000 долари.
Деталите за цената на идниот сериски „Форд ГТ“ ги соопшти директорот на одделението за спортски автомобили на американските производители, Дејв Перисек.
На саемот на автомобили во Женева Перисек на новинарите им откри дека „Форд“ сака моделот „ГТ“ да биде ексклузивен модел, па годишното производство ќе биде ограничено на само 250 примероци.
Концептот што првпат беше прикажан во почетокот на 2015 година на саемот во Детроит, е развиван од 2013 година, а компанијата успеа да го држи во тајност речиси до пред самата светска премиера.
Предпродукциската верзија е опремена со централно поставен V6 twin-turbo EcoBoost мотор, што, според зборови на луѓето од „Форд“, произведува повеќе од 600 кс.
Претходниот „Форд ГТ“ се произведуваше од 2004 до 2006 година, а вкупно беа произведени 4.038 примероци, од кои 3.452 автомобили се продадени во САД.