Матицата на Македонците во Хрватска објави опсежен Хрватско-македонски речник кој содржи над 30.000 зборови, во книжен формат Б-5 и на 1.246 страници.
– Во хрватската и во македонската култура досега не постоеја ниту Хрватско-македонски ниту Македонско-хрватски речник. Во 2009 година Матицата на Македонците во Хрватска во стаус носител на проектот и издавач ја покрена изработката на Хрватско-македонскиот речник, со цел таа голема лексичка празнина барем делумно да се исполни, информира издавачот.
Матицата посочува дека Речникот е, пред се, наменет на македонското малцинство во Хрватска, како и за хрватското во Македонија, за полесно да го разберат јазикот од своите предци, за студентите на кроатистика во Македонија и за студентите по македонистика во Хрватска, за преведувачи на двата јазика, како и за сите кои ги интересира хрватскиот и македонскиот јазик.
Автори на Речникот се Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев-Оливер, рецензенти: проф. д-р Марко Самарџија, проф. д-р Веселинка Лаброска и проф. д-р Лидија Тантуровска.
Хрватско-македонскиот речник ќе биде претставен во Загреб и Скопје. Матицата соопшти дека веќе започнала со изработка и на Македонско-хрватски речник кој концепциски го следи објавениот Хрватско-македонски речник.
– Со многу сличен низ, со измена на левата и десната страна на појдовната и целната колона, тој речник ќе претставува целина со објавениот Хрватско-македонски речник, информира Анастас Саша Оџаклиески, претседател на Матицата на Македонците во Хрватска и член на уредништвото на Речникот.