Полицијата во Виена разби семејна банда на нарко дилери, позната како „Ла Фамилиа“ и уапси 18 членови на овој клан, дилери и корисници.
Во тек на полициската акција се пронајдени и 28.000 евра, дрога, оружје и околу 350 стебла канабис.
Лидер на бандата бил 43-годишен маж кој своите деца ги направил зависници на кокаин, со цел подобро да ја дилуваат дрогата, стои во полициското соопштение.
Заедно со уште двајца дилери, еден 44-годишник од Долна Австрија и еден 49-годишник од Виена го сочинувале кланот, кој на големо тргувал со кокаин и марихуана во главниот град на Австрија.
Главата на семејството, кој ја принудил својата ќерка да повлече и пријава против своето 33-годишно момче кое ја силувало и злоставувало, претпладне работел во продавница во Виена, а попладне во својот стан организирал продажба на дрога преку членовите на своето семејство.
Неговата сопруга управувала со парите и му помагала на сопругот во пакување, издавање и транспорт на дрогата, додека децата ги опслужувале клиентите.
Еден од близнаците заедно со поранешното момче на неговата сестра бил највреден дилер, бидејќи со испорака на дрогата започнувал рано наутро, а бил задолжен и за одржување на плантажата со марихуана на еден тениски терен во Виена , додека неговиот брат дилувал дрога на другиот крај во градот.
Меѓу клиентите на „Ла Фамилиа“ била и една мајка која за својата 12 годишна ќерка купувала марихуана од кланот.
Е. Г.