Чешката енергетска компанија „ЧЕЗ“ минатата година ја заврши со намален профит за 36 проценти, остварувајќи околу 895 милиони евра, соопшти компанијата.
Како што пренесе дописникот на МИА од Прага, главната причина за намалувањето и на продажбата за осум проценти е намалувањето на цените на електричната енергија и топлата зима.
Резултатите се согласуваат со очекувањата на аналитичарите, иако тие предвидуваа поголема нето добивка.
„ЧЕЗ“ информира дека и покрај падот, конечниот резултат е над нивните предвидени очекувања, што се должи на спогодбата за решавање на спорот со Албанија, заштедите и преговарите со Бугарија и Романија за исплаќање или кредитирање на старите долгови.
– Годишниот пад на приходите ја одразува пониската реализирана цена за електричната енергија, исклучително топлата и сува зима во 2014 година и намалувањето на обемот на производство на ресурсите со јаглен”, изјави портпаролот на компанијата Барбора Пилпанова.
Во тековната година, „ЧЕЗ“ планира да оствари поголемо производство, благодарејќи на модернизацијата на електраните.