Американско-јужнокорејските воени вежби се агресивна акција во рамките на стратегијата на САД, насочена кон соборување на социјалистичкиот систем во Северна Кореја, изјави денеска портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Тој посочи дека „при најмала провокација од страна на САД за време на воените вежби“ Северна Кореја е подготвена да почне голема војна за обединување на татковината.
Тој истакна дека со зголемувањето на американскиот воен потенцијал во азиско-тихоокеанскиот регион САД се обидуваат да ја спречат нормализацијата на односите меѓу Северна и Јужна Кореја.
Првата воена вежба „Ки рисолв“ се спроведува со помош на компјутерска симулација. Во неа ќе учествуваат 10.000 јужнокорејски војници и 8.600 американски војници. Првпат со вежбите ќе раководи Генералштабот на вооружените сили на Јужна Кореја.
Во воените вежби „Фоул игл“ ќе учествуваат 200.000 јужнокорејски војници и 3.700 американски војници. Тоа се реални маневри со учество на копнени сили, воздухопловни сили, поморски сили и воено разузнавање.