Високи функционери на Европската унија и на Советот на Европа побараа денеска од руските власти да спроведат итна и непристрасна истрага за убиството на опозицискиот политичар Борис Немцов.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини порача преку соопштение дека е длабоко ожалостена од веста за убиството на Немцов, кој се „бореше за модерна, напредна и демократска Русија“.
Таа побара сеопфатна, брза и транспарентна истрага, а истото преку соопштение го побара и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц.
– Шокиран сум од убиството на познатиот политичар и лидер на либералната опозиција во Русија, порача генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, кој им изрази сочувство на семејството на Немцов и на рускиот народ.
Јагланд истакна дека ова убиство е „знак на атмосферата на омраза и нетолеранција, која владее во многу делови на Европа, па и во Русија“.
Тој побара од руските власти да сторат се што е во нивна моќ за изведување на убијците на Немцов пред лицето на правдата.
Исто барање во одвоено соопштение изнесе и министерот за надворешни работи на Летонија, Едгарс Ринкевичс, чија земја е актуелен претседавач на Унијата.