Велика Британија следниот месец во Украина ќе испрати воен персонал за да помогне во обуката на украинската армија, изјави денеска британскиот премиер Дејвид Камерон, цитиран од британаските медиуми.
-Следниот месец ќе испратиме британски војници, кои ќе даваат совети и обука во серија области, вклучувајќи го и тактичкото разузнавање, логистика, медицински грижи, изјави Камерон пред парламентарна комисија.
„Ние, исто така, со Украина ќе разработуваме програма за обука на пешадијата со цел да се подобри издржливоста на нејзините сили“, рече британскиот премиер.
Премиерот подвлече дека британските војници ќе бидат разместени далеку од линијата на фронтот и нема да учествуваат во борбени
дејствија.
Тој не ја исклучи можноста Украина во иднина да биде вооружена од надвор, но забележа дека засега пристапот на Велика Британија е да даде несмртоносна помош.
Камерон предупреди дека доколку не и се даде отпор на Русија во
украинскиот конфликт, Москва ќе дестабилизира и други земји.
-Доколку ние не и се спротивставиме на Русија, тоа ќе доведе до
сериозни штети за сите нас на долгорочен план, затоа ќе станеме
сведоци на натамошна дестабилизација. Следна ќе биде Молдавија
или некоја од балтичките држави, рече тој.