Здружението на новинарите на Македонија е сериозно загрижено од информациите дека Ивана Костовска, главна и одговорна уредничка на веб-порталот „Телеграф.мк“ и на веб-порталот на англиски јазик „Индепендент.мк“, си поднела оставка.
„Костовска на 16 февруари писмено ги има известено одговорните во компанијата „Медиа принт Македонија“, дека врз неа менаџментот врши притисок да објавува или сокрие информации на двата медиуми за кои таа е одговорна. ЗНМ потсетува дека слободата на медиумите е неприкосновено право и Уставот на Република Македонија забранува цензура. Ваквите притисоци од менаџментот на медиумите врз одговорните уредници ги нарушуваат кредибилитетот и довербата на медиумите пред јавноста и го прекршуваат правото на граѓаните да бидат објективно информирани. ЗНМ потсетува дека новинарите имаат право и должност да спречат цензура и искривување на вестите. Постапката на уредничката Костовска е храбар чин и во духот на етичките и професионални стандарди на новинарската професија за што ние силно ја подржуваме и се солидаризираме. Ова е начинот на кој уредниците треба да се справуваат со притисоците кога сопствениците на медиумите се обидуваат да кројат уредувачка политика“, стои во соопштението на ЗНМ.