Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси изјави дека неговата земја го задржува правото на соодветен начин да и одговори на Исламска држава за погубувањето на 21 Египќанец во соседна Либија.
Сиси предупреди дека Каиро ќе избере „неопходен начин и време да се одмазди за криминалните убиства“.
Сиси вчера се обрати на египетската државна телевизија, само неколку часа откако Исламска држава ја објави видео снимката за отсекувањето на главите на 21 египетски христијанин во Либија, пренесоа британските медиуми.
Исламска држава вчера објави видео снимка на која џихадистите им ги отсекуваат главите на египатски христијани Копти, грабнати во Либија, заради што во Египет е прогласена седумдневна жалост.
На снимката се гледа група од 21 египетски христијани, облечени во портокалови комбинезони, на кои потоа им се отсечени главите.
Египетскиот претседател веднаш свика итна средба на највисокото тело за национална безбедност и прогласи седумдневна жалост.
Највисокото сунитско исламско тело, Ал Азхар, погубувањето го осуди како „варварско“ убиство и соопшти дека овој чин нема никаква врска со било каква религија или човекови вредности.
Белата куќа го осуди убиството на египетските христијани во Либија од страна на Исламска држава и повика на политичко решение на конфликтот во оваа земја, пренесоа британските медиуми.
– Бесмисленото убиство на невините луѓе е последниот од многуте одвратни активности, извршени од терористите поврзани со ИД против луѓе во регионот, вклучувајќи ги и убиствата на десетици египетски војници на Синај, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест.
„Тоа само дополнително ја стимулира меѓународната заедница да се обедини против Исламска држава“, подвлече тој.
Овој гнасен акт уште веднаш ја истакнува итната потреба од политичко решение на конфликтот во Либија, бидејќи продолжувањето само им носи полза на терористичките групи, вклучувајќи ја и Исламска држава, додаде портпаролот.