Францускиот скијач Жан – Баптист Гранж ја освои титулата светски првак во слалом на шампионатот што синоќа заврши во Бивер Крик.
На последната трка од првенството Гранж најдобро се снајде во тешките услови (постојано врнеше снег за време на трката).
Французинот постигна време од 1:57.47 минута што беше доволно за златниот медал и тоа за него е вторпат да победи на светските првенства, претходно во 2011 година беше прв во Гармиш Партенкирхен.
Среброто и бронзата ги освоија германските скијачи Фриц Дофер и Феликс Нојројтер, кои заостанаа 35 односно 55 стотинки зад победникот.
Најголемиот фаворит за првото место Марсел Хиршер, кој беше прв по првата трка направи грешка во втората и остана без пласман.
Македонскиот скијач Антонио Ристевски, кој стартуваше во оваа дисциплина не ја заврши првата трка.