Русија ќе продолжи со борбата против екстремизмот и со заштита на своите национални интереси ширум светот, како што тоа го правеше и досега, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
– Денес за жал животот не е полесен и посигурен, изјави Путин на средба со претставници на здруженијата на ветераните од војната во Авганистан, одржана по повод 26-годишнината од повлекувањето на Советската армија од оваа централноазиска држава.
Како што јави ТАСС, Путин нагласи дека уште пред три децении тогашните советски војници се судриле со она што денес се нарекува политички ислам.
– Тогаш беше зародишот на екстремистичките организции што беа финансиран од странство. Потоа, тие што го правеа тоа (финасирање) самите настрадаа од она што го поттикнаа, потнцира Путин.
Тој нагласи дека САД и многу други земји се соочиле со тешки последици предизвикани од исламистите, додавајќи дека такви трагични настани од неодамна се случуваат и во Европа.
– Духот е пуштен од шишето и сега не може ништо да се направи околу тоа. Со него треба да се бориме и ќе го сториме тоа. Но, проблем денес не е само исламистичкиот екстремизам, бидејќи ширум светот има многу екстремисти, нагласи Путин.