Кражба и педесетгодишно патување на мозокот на Ајнштајн

Од:

Додека се пренесувале вестите за смртта на големиот доктор Ајнштајн, се случило нешто вознемирувачко во болницата. Мозокот на Ајнштајн, чувар на еден од најголемите светски интелекти, бил украден, а тоа е само почеток на приказната.

Најголемиот научник на светот во својата генерација на 17 април во 1955 година бил примен во болницата Принстон поради болки во градите. Рано наутро идниот ден, Алберт Ајнштајн починал од анеуризма на стомачната аорта, пукање на аортата на срцевите садови, кои го снабдуваат телото со крв.

Др. Томас Стулц Харви бил дежурен патолог тоа утро и добил задача да го преземе телото на Ајнштајн. Седум часа по смртта на големиот научник, Харви започнал аутопсија за која тврдел дека добил дозвола. Откако утврдил смрт, Харви го извадил и измерил мозокот на Ајштајн.

– Знаев дека имаме дозвола за аутопсија, па претпоставив дека ќе го проучиме неговиот мозок, подоцна тврдел тој.

До денес, ниту еден документ ниту налог за аутопсија не е најден.

По анализата, доктор Харви мозокот го ставил во формалдехид. Потоа ги извадил очите на Ајнштајн, кои подоцна биле предадени на офталмологот на Ајнштајн др. Хенри Адамс. И денес постојат гласини дека очите се наоѓаат во еден сеф во Њујорк. Конечно, остатокот од телото е предаден на кремирање.

Отстранувањето на мозокот и очите било спротивно на последната желба на Ајнштајн. Ајнштајн оставил многу јасни упатства. Сакал да биде кремиран со мозокот во својата глава и пепелта да биде истурена некаде во тајност, за да се обесхрабри идолатријата.

Значи, не само што тоа било против желбите на Ајнштајн, туку Харви немал ни законско ни медицинско право да го задржи мозокот. Тој дури не бил ни неврохирург, ниту специјалист за овој орган. Негова одговорност била само да ги утврди причините за смртта, која била поврзана со прекинување на работата на срцето и немала никаква врска со мозокот (барем не директно). Писателот на книгата „Разгледница од Музејот на мозоци“, Брајан Барел смета дека постојат две можни причини поради кои Харви го отстранил и задржал за себе еден од најпознатите мозоци.

Првата причина е барањето на Хери Цимерман, личен доктор на Ајнштајн и ментор на Харви.

Цимерман никогаш јавно не ја изнел точноста на ова тврдење, иако го барал мозокот откако се направило тоа што се направило. Втора причина е можеби тоа што Харви бил инспириран од студија спроведена на мозокот на Ленин во 1926 година, поради што едноставно го фатил моментот, парализиран од присуството на една човечка големина.

Која и да е причината, на 19 април по отстранувањето на мозокот, Харви ретроактивно побарал дозвола од синот на Ајнштајн, Ханс Алберт Ајнштајн. Ханс Алберт дал дозвола со ветување од страна на Харви дека мозокот на татко му ќе се користи за внимателно научно истражување и дека откритијата ќе бидат објавени во легитимни медицински списанија. Кога „Њујорк Тајмс“ ја издал книгата за Ајнштајн на 20 април, било наведено дека др. Харви извел аутопсија со согласност на синот на Ајнштајн. Никаде не било наведено дека дозволата била добиена по направеното дело.

Кога се проширила приказната дека Харви го поседува мозокот, од целиот свет почнале да пристигнуваат барања од луѓе кои сакале да го видат и проучат. Како што е наведено, едно барање упатил и др. Хенри Цимерман во Њујорк, на кој Харви му ветил дека ќе има шанса прв да го проучи. Цимерман и неговата болница во Њујорк се подготвиле за Харви и мозокот, но тие никогаш не се појавиле. Малку подоцна, болницата Пристон објавила дека мозокот ќе остане во Њу Џерси. Контроверзата околу сопственоста над мозокот на Ајнштајн станала циркуз, а потоа се претворила во нешто уште побизарно.

Технички оваа болница никогаш не го поседувала мозокот, но др. Харви да. Тој го држел во тегла во својата канцеларија дома. Набрзо по јавната расправија со др. Цимерман и откако ниту едно медицинско истражување не било почнато на мозокот, др. Харви бил отпуштен од болницата, а мозоког го земал со себе.

Харви отишол во Универзитетот во Пенсилванија, каде со помош на техничари го исекол мозокот на илјада листови и 240 коцки, ставајќи ги во квадрати од целулоид, полуцврста материја налик на пластика. Конечно некои делови му ги дал на др. Цимерман, а остатокот од мозокот го задржил во две стаклени тегли со формалин. Други истражувачи направиле цела низа увертири за тоа дека мозокот треба да биде оставен на мир, но Харви го одбил тоа инсистирајќи дека само една година е оддалечен од завршетокот на проучувањето.

Бракот на Харви се распаднал и набрзо ги спакувал куферите да замине од Принстон и да се упати на Средниот запад. Пред да замине, неговата поранешна сопруга му се заканила дека ќе го фрли мозокот. Секако. Харви не дозволил да се случи тоа и го земал со себе во Вичита, во Канзас, каде работел како медицински супервајзор во лабораторија за биолошко тестирање. Според легендата, во текот на својот престој во Вичита, го чувал мозокот на Ајнштајн во кутија под фрижидер за пиво.

Следните 30 години, Харви патувал низ Средниот запад, носејќи го со себе мозокот, а притоа никогаш не објавил ниту едно истражување. Од време на време, истражувачот го контактирал и тој му праќал дел или два, надевајќи се дека ќе успее да направи истражување кое тој не успеал да го направи. Неколку пати, приказната за мозокот на Ајнштајн повторно била во центар на интересирање на публиката, посебно по натписот во регионалното месечно издание на весник во Њу Џерси кој во 1978 година го напишал Стивен Леви.

– На почетокот не сакаше ништо да ми каже, но по некое време конечно ми призна дека го има мозокот. Подоцна плашливо ми рече дека се наоѓа во канцеларијата во која седевме. Пријде до кутија на која пишуваше Коста Цидер и извади две големи тегли. Во нив беа остатоците од мозокот кој го промени светот, вели Леви.

Во 1985 година речиси 30 години по смртта на Ајнштајн, некој конечно објавил истражување за мозокот на Ајнштајн откако го примил исечокот од Харви, тоа била Мериен Дајмонд од УКЛА. Нејзиното истражување било далеку од заклучено, но укажувало на тоа дека мозокот на Ајнштајн има повеќе глијални клетки за секој нерв отколку нормален мозок. Тоа би можело да значи дека клетките имале поголема метаболичка потреба, што значи дека користеле повеќе енергија, што повторно може да значи подобри вештини на концептуализација и размислување.

Иако неодамнешните истражувања ја негираат оваа теорија, конечно некој го проучил украдениот мозок на Ајнштајн и го објавил тоа истражување во легитимно медицинско списание. Сепак, тоа не било крај на патувањето на мозокот.

Во 1988 година Томас Харви ја изгубил дозволата за бавење со медицина откако паднал на тродневен тест на компетенција во Мисури. Неколку години подоцна се вратил во Принстон, каде писателот Мајкл Патернити го убедил да се состане со внуката на Ајнштајн. Секако, со себе го понел мозокот. Патернити во својата книга „Возењето на господин Ајнштајн“, опишал како тие двајца возеле до сончевата Калифорнија, додека во една чанта во багажникот се нишале тегли со мозокот. Тие навистина се состанале со внуката на Ајнштајн, Евелин Ајнштајн во Беркли, каде Харви го заборавил мозокот откако ја напуштил нејзината куќа. Таа му го вратила мозокот, не сакајќи да има ништо со тоа.

Томас Харви починал во 2007 година, но пред да умре, го донирал мозокот на болницата Принстон, истото тоа место каде мозокот го почнал своето патување кое траело 50 години. Јавноста повторно била заинтересирана и истражувачите кои ги примиле деловите од мозокот во текот на годините, ги пратиле назад во Принстон и Универзитетот во Пенсилванија.

Денес музејот Мутер во Филаделфија е единствено место на светот каде можат да се видат делови од мозокот на Ајнштајн, во ленти, обоени со рачно напишани забелешки на Томас Харви.

Нешанл Џеографик – Вашингтон

Би можело да ве интересира

Развиена вештачка интелигенција која го открива ракот на дојката години пред да се развие

Ана Ололовска

Ѓоргиевска: Со заеднички ангажман да ја поттикнеме и поддржиме научно-истражувачката дејност кај жените

А1он

Јапонски научници развиваат вакцина против стареење

Ана Ололовска

Вештачка интелигенција предложи лек за редок рак кај децата

Ана Ололовска

„Стенфорд“: Ајнштајн бил во право за црните дупки

Ана Ололовска

Откриена мистериозна ДНК која асимилира гени од различни организми

Ана Ололовска