Новите процедури за постапување со деца жртви на насилство и на кривични дела, се тема на националната конференција што ќе се одржи утре во Скопје, во организација на Советот за превенција од малолетничко претстапништво со поддршка од УНИЦЕФ.
Процедурите беа изготвени минатата година со поддршка од УНИЦЕФ. Тие не воведуваат нови законски мерки туку претставуваат практична алатка за подобра примена на постоечките закони.
Според УНИЦЕФ, спроведувањето на законите е често ограничено поради недостиг на разбирање што претставуваат законите во пракса. Целта на новите стандардизирани процедури е да обезбеди практичен водич за спроведување на законите за правда на децата, за кривична постапка и за граѓанска постапка.
Процедурите беа изготвени за да надополнат сличен комплет од процедури направен во 2014 година за Центрите за социјална работа, а понатаму ќе се збогати и со процедури за здравствени работници. Тие пружаат насоки за подобро идентификување на децата жртви, проценка на нивото на ризик со кој се соочуваат, спроведување на процедурите, одбирање и спроведување на соодветни мерки за заштита, спроведување разговор со деца жртви како и меѓу-секторска соработка.
На националната конференција за постапување со деца жртви на насилство ќе присуствуваат претседатели на судови, јавни обвинители, кривични судии и претставници од полицијата.