Сообраќајот на патниот правец Катланово – Велес, по наплатната станица Сопот, поради можен одрон, се одвива по една коловозна лента во должина од 200 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец Страцин – Крива Паланка, на излез од Страцин во правец на Крива Паланка, како што соопшти АМСМ, поради свлечиште зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри. И овде е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
Сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица, поради големи одрони од камења, се уште е во целосен прекин за секаков вид моторни возила и се пренасочува преку Виница – Пехчево – Делчево.
Патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци се во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.
Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.
Сообраќајот на локалниот пат за селото Покрајчево, кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка Река, е во прекин и се одвива преку селото Подареш до Радовиш.
На сите останати патишта сообраќајот се одвива без забрани, по претежно суви коловози. Поради ниските температури на некои места можна е појава на голомразица.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.