Патничкиот железнички сообраќај во Македонија од попладнево е во прекин поради бојкотот на машинскиот персонал во МЖ Транспорт. Од железничката станица во Скопје информираат дека не сообраќаат возовите на релацијата Скопје – Велес и Скопје-Битола предвидени во 13:20 часот и 14:30 часот. За останатите возови предвидени со возниот ред, како што велат, треба да добијат дополнителни насоки.
Машиновозачите, според одлуката за бојкот, барат потпишување колективен договор, почитување на Законот за работни односи во делот на исплата на плата, и на пресметката на бенифицираниот стаж, како и техничка исправност на железничките возила и безбедност во железничкиот сообраќај.
Бојкотот почна вчера со намалување на обемот на товарниот превоз, а по неуспешната средба денеска претпладне со раководството на МЖ Транспорт синдикатот ја реализираше одлуката за прекин и на патничкиот сообраќај.
Петседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСМПМ) Душко Чакаровски изјави дека ќе почнат со работа откако ќе бидат примени од министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и ќе постигнат договор за поставените барања. Во организацијата на штрајкот се вклучени и Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) и Синдикат на машиновозачите на Македонија (СММ).
Директорот на МЖ Транспорт Оливер Деркоски пред средбата изјави дека машиновозачите незаконски се обидуваат да го попречат работењето и оти ја злоупотребуваат позицијата.
– Бојкотот како форма за прекин не е познат и ова е нелегално. Бараат зголемување на платите, а нивните месечни приходи се од 38.000 до 40.000 денари, изјави Деркоски.
Според него, во трите синдикати членуваат 150 од вкупно вработените 1.200 во МЖ Транспорт.
– Се сметаат за незаменливи и се обидуваат да ја злоупотребат положбата. Ги имаат сите бенефици и надомести за празници, ноќна работа, работа во недела…, Се надеваме дека ќе наидеме на разум, рече Деркоски.