Во рамките на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“ на Министерство за култура и општина Велес, синоќа во Ликовниот салон во Велес се одржа Вечер на популарни арии. Настап имаа уметничките од Штип, мецосопранот-младата Наташа Пандазиева и нејзината професорка на пијано-придружба Наташа Трбојевиќ.
Тие ја воодушевија велешката публика со изведбата на популарни арии како „Адио Рома“ од Монтеверди, познати арии од Моцарт, од Јохан Штраус, од Росини, како и „Ленка“ од македонскиот композитор Тодор Скаловски.
Пандазиева која за првпат настапува во овој град изјави дека е презадоволна од настапот и од приемот на велешката публика.
– Јас и професорката Трбојевиќ сме пресреќни што бевме вклучени да учествуваме во оваа важна културна манифестација за Велес и Македонија, а каде што љубителите на класичната музика можат во живо да слушнат вакви популарни арии и во помалите места надвор од Скопје. Со тоа воедно е и остварена целта на Министерството за култура за доближување на културата до целокупната македонска јавност преку оваа манифестација Град на културата, а која секоја година се одржува во друг македонски град, рече Пандазиева.
Таа зема повеќекрато учество и во мајсторската школа на познатиот италијански диригент Маурицио Торелли. Освен во Македонија таа со своите арии е популарна и на оперските сцени во соседна Бугарија: Државната Опера на Русе, Операта на Пловдив и Државната опера на Стара Загора, каде се појавува со бројни значајни улоги.
Во рамките на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“ синоќа во Ликовниот салон во Велес беше промовирана стихозбирката „КРУГ полу КРУГ“ од Игор Крајчев.
Првиот промотор проф. д-р Златко Жоглев рече дека книгата има 40-тина песни поделени во три целини „Кругови“, „Прашина“ и „Крикови“. Филозофската основа на поезијата на Игор Крајчев во ова дело е во тоа што тој има инкорпорирано неколку клучни работи што се важни за филозофијата и за човекот.
Како што појасни пред присутните вториот промотор, проф д-р Венко Андоновски, големиот поет се раѓа кога од колективниот симбол ќе направи индивидуален симбол,токму тоа според него, се случува во првиот циклус песни на Игор Крајчев.
– Кај Игор Крајчев кругот е индивидуален симбол, кај него кругот може да значи и безбедност, а може да значи и ропство, кругот е замка, а тој простор е доволно голем за да не сфатиш дека си роб. Кругот е симбол на растежот што е уште една индивидуализација, а кругот кај Крајчев е поистоветен и со поезијата, појасни Андоновски.
Поезијата на Крајчев, според него има доста допирни точки со поезијата на Рацин. Пред присутните го прогласи Игор Крајчев за достаоен наследник на големиот македонски поет од Велес, Коста Солев Рацин.
Инаку Игор Крајчев за оваа стихозбирка „КРУГ полу КРУГ“ ја доби и „специјалната награда Караманов за 2014“. Тој во 2005 година ја издаде својата првата книга постмодернистичка поезија „Реалности“. Во 2007 својот прв епско-фантастичен роман „Воини и херои“, кој целосно беше распродаден и во 2012 година излезе и неговото второ издание. Во 2009 година излезе вториот роман на Крајчев „Три секунди“, а како и првиот подржан од Министерството за култура.
Учесник е на повеќе поетски манифестации, член на Организацискиот одбор на меѓународната поетска манифестацијата „Рацинови средби“ и на „Детските Рацинови средби“ во Велес.